Вкусен појадок кој е одличен за мала промена од секојдневниот леб. Со наутот ќе внесете доволно јаглехидрати, така да не мора да јадете и леб за појадок, доколку се храните по хроно. Убаво одговара во комбинација со кисело млеко или павлака.

1. Наутот се мие и се става да се свари на кратко, додека да зоврие водата. Потоа се исклучува и се остава да кисне 8 часа. Најдобро е да го направите ова навечер и да кисне цела вечер, па утредента да продолжите со постапката. Може да си купите наут од конзерва, веќе обарен и спремен. Изборот е ваш!
2. Утредента наутот се процедува и се става нова чиста вода и повторно се вари, но сега подолго околу 20 мин. Сварениот наут се процедува и се остава малце да се олади.
3. Наутот се става во блендер, убаво да се иситни. Потоа се додава празот и доматите, заедно со малце сос, отприлика пола конзерва (3 домати и сос).
Се додаваат и зачините и се убаво се блендира. Ќе добиете убава мазна смеса.
4. Смесата се остава да стои во фрижидер околу 3-4 часа. Потоа се формираат убави кофтиња и се редат во тава, на хартија за печење. Одозгора се наросуваат со сусам.
5. Се печат на 200 степени, околу 20 мин.

Оние кои постат, слободно можат да ги комбинираат овие вкусни печени ќофтиња од наут со ајвар, маслинки или авокадо намаз - како појадок или пак за ручек со салата.
За оние кои се вон рестрикција, може понекогаш да си ги дозволат за ручек, како надополнување на ручекот.
За во рестрикција, се препорачуваат да се јадат за појадок и тоа не многу често.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови