Оригиналниот рецепт за оваа торта е далеку поразличен од оваа што јас ја направив. Сепак, принципот на Фраисер тортата е да има чоколадно тесто, ред од јаготки, бел фил и чоколаден прелив. Така јас си го споив моето омилено тесто од тортици, бидејќи е лето одбрав страчатела сладолед, во комбинација со јагоди и ганаж.
Се надевам дека оваа француска торта со јагоди ќе ви се допадне и на вас.

Тесто
1. Се двојат јајцата на белка и жолчка. Белките се матат со еден прстофат сол и потоа лажица по лажица се додава шеќерот, за да добиете густа пена. Кога убаво ќе се измати во цврста пена, се додаваат жолчките, една по една.
2. Кон смесата се додава млекото и маслото и се мати убаво.
3. Се додаваат и сувите состојки, брашното, оревите и пецивото и се мешаат со лажица, при тоа да остане воздушеста смесата.
4. На крај се додава чоколадото исецкано на ситни парчиња.
5. Во округло тавче бр.28, се истура смесата и се пече на 200 степени, околу 20тина мин.
6. Тестото се остава да се излади.

Страчатела сладолед
1. Се мати слатката павлака до цврста пена, со помош на 2 лажици лимонов сок.
2. Киселата павлака ја мешаме со лажица, со шеќерот во прав.
3. Желатинот се подготвува според рецептот, односно се става да набабри со ладна вода, а потоа се затоплува, додека да стане течност. Малце се остава да се излади.
4. Повторно ја матиме слатката павлака и во тенок слој пополека се додава желатинот и убаво се мати.
5. На крај, се додава палваката со шеќер и лесно и убаво се промешува, со лажица.
6. Ренданото чоколадо се ставана на крај, повторно промешуваме со лажица, само не премногу за да остане пенаст кремот.

Ганаж
1. Слатката павлака се затоплува, но не да зоврие!
2. Чоколадото искршено на ситни парчиња, се прелева со топлата слатка павлака и се меша убаво.
3. На крај се додава растворениот желатин.

Редење на тортата

-Тестото се става во калап, на кој му се отстранува страничниот обрач.
-Врз тестото се редат јаготките. Околу обрачот се редат исправени, пресечени на половина. По средината се ставаат налегнати.
*Ако сакате можете да ги наредите исправени и по средината, но така ќе ви требаат многу повеќе јагоди, можеби и повеќе од 1кг.
-Врз нив внимателно се става страчатела сладоледот. Убаво се распределува и израмнува.
-Врз сладоледот се става ганажот, кој во меѓувреме малце се пододладил, за да не ни се стопи сладолетот.
-Украсете со јаготки, цреши и друго сезонско црвено овошје, по избор.

Тортата се остава цела вечер во фрижидер, убаво да се смрзне. Наредниот ден уживајте во нејзината убавина и лесен, овошен вкус.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови