Лененото семе
- Во сад ставете водата и лененото семе. Kога ќе проврие тргнете настрана и оставете да се олади
Тесто
- Помешајте водата и матеницата, додајте го квасот кој веке е со 100% хидратација (претходно сте го спремале, потхраниле и веќе одстојал 3-4 часа.)
- Ставете го брашното во сад, додадете ги течните состојки, лененото семе со слузавоста која настанува додека се лади. Почнете да месите и кога веќе сте добиле тесто, додадете го маслиновото масло и на крајот солта, убаво измесете го тестото. Оставете да одстоои 30 мин.
- Одстојаното тесто истресете го на лесно побрашнета работна површина без да го размесувате, истенчете да добиете правоаголник, преклопете ги горната и долната страна, потоа левата и десната страна, формирајте округла форма, ставете во малку намаслен сад, покријте и оставете да стаса да го удвои обемот. Трае околу 3-4 часа за замесено тесто со квас, а доколку користите свеж квасец, тогаш процесот за стасување на тестото е пократок.
- Стасаното тесто поделете го на толку делови зависно што сакате да приготвите, помали фокации, поголема... по ваш избор. Поделеното тесто формирајте го во топчиња и ставете го во намаслени садови, затворете или покријте со фолија, ставете во фрижидерот да одлежи 12 часа.
Затоа се спрема тестото одвечер, за да утрото го извадите од фрижидер, нека стои на собна темепратура околу 1 час, потоа формирајте фокациите, така што само ќе го извадите тестото од садот во кој стоеше, горната страна ќе биде долна и со рацете само малку истенчете го тестото. Оставете да стасаат повторно за еден час, со прстите направете вдлабнатинки, премачкајте со еднаков сооднос на мешавина од маслиново масло и вода. Формирајте ги на хартија за печење на која ќе посипете малку брашно, ставете да се печат кратко време во претходно загреана рерна на 240 степени.
Направив и полжав фокација која идеја всушност и рецептот за тестата со квас ми се од Дајана која многупати ја споменав пишувајки рецепти за тесто со квас (од неа ми е на мене школото за овие прекрасни теста) така што уште кога го делам тестото на делови.. издвоив 300 гр, тесто и го ставив да одлежи 12 часа. Наредниот ден само го истресов на работната површина, со рацете тенчејки го тестото направив правоаголник ги преклопив горната и долната страна, потоа го мотав тестото околу неговата оска - (како кога цедиме мокра крпа) цело време помагајки си со намрснети раце.
Потоа врвцата која ја добив ја ставив на хартија за печење, ја замотав како полжав, а меѓу неа ставив ролнички од тиквички.
Ролничките се прават на тој начин што ќе исечете тиквичката на ленти, секоја лента малку премачкана со масло од двете страни се потпекува, се посипува со мешавина од сецкан магданос, лебни трошки и пармезан. На крајот ставам парче сирење и ја мотам ролничката. Пожелно е прво да ги спремате ролничките, а потоа како оформувате формата на полжав така и да ги ставате ролничките. Постапката за печење е иста како на фокациите само што трае малку за која минута повеќе време.
Служете со некој млечен намаз или напиток.
Совет - Матеница ќе добиете (нема да се купи) кога ке ставите 1 лажица лимонов сок на 250 мл. млеко и да одстои 10 мин. или пак нај едноставно - разматете еднаков сооднос на јогурт и пресно млеко.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани