Е исполнив и 4 - тата стотка, 400 рецепти на мојот профил на Мои рецепти. Ќе ве почастам, ќе ве поздравам и ќе Ви честитам Божиќни празници со торта од француската кујна. Основните состојки за оваа торта е подлога од лиснато тесто, смеса за еклери, ванила крем, украсена со мали еклерчиња (профитероли) со карамел и слатка павлака. Мојата верзија, покрај основните состојки е направив плус со пандишпан и чоколаден фил, во Италијански стил -))

Подготовка на пандишпанот.
Тава за печење бр. 26 намачкајте ја со путер и посипете ја со брашно.
Рерната вклучете ја да се загрева на 170 -180 степени.
Одделете ги белките и жолчките и ставајте ги во чисти и суви садови за матење.
Најпрво изматете ги белките со половина од шеќерот да се добие цврста пена.
Потоа изматете ги жолчките со останатиот шеќер во светла смеса. Изматените жолчки додајте ги во белките и измешајте ги со жица или шпатула. Сега додајте прстофат сол и двете брашна просеани низ сито. Повторно измешајте да се изедначи смесата.
Смесата турете ја во тавата и неколку пати удрете ја од работната маса или со раката оддоздола на тавата да се издишат меурчиња што се создаваат. Ставете ја да се пече околу 35 -40 мин без отворање на рерната.
Печениот пандишпан оставете го целосно да олади (јас го направив одвечер).

Подгответе го лиснатото тесто.
Лиснатото тесто што го користам е тенко и со поголем дијаметар. Затоа го сечам во големина на тавата бр. 26 а може и 1цм поголемо зашто при печењето се собира.
Лиснатото тесто избоцкајте го со вилушка и спечете го на 180 степени за време од 20-на минути и оставете го да олади. Исто така испечете ги и остатоците бидејќи ќе ни послужат за декорација од страните на тортата. За оваа странична декорација може да се употребат и ситно сецкани лешници, бадеми или ореви. И лиснатово го испеков одвечер.

Подготовка на ванила филот
Желатинот натопете го во ладна вода да омекне.
Во тенџерче каде ќе го варите кремот ставете ги сите останати состојки - жолчките, млекото, павлаката, шеќерот, густинот, ванилата убаво изматете ги со жица и ставете ги да се варат на среден оган, со постојано мешање додека кремот се згусти. Тгнете го на страна,додајте го желатинот и измешајтего да се стопи во кремот. Покријте го со најлонска фолија така што ќе допира на кремот оставете го да олади.

Подготовка на чоколадниот фил
Желатинот натопете го во ладна вода да омекне.
Во тенџерче каде ќе го варите кремот ставете ги сите останати состојки - жолчките, млекото, павлаката, шеќерот, густинот, ванилата убаво изматете ги со жица и ставете ги да се варат на среден оган со постојано мешање додека се згусти. Тргнете го на страна, додајте го желатинот и чоколадата искршена на коцки и мешајте да се стопат во кремот. Покријте го со најлонска фолија така што ќе допира на кремот и оставете го да олади.
Кога се оладени кремовите изматете 200 мл слатка павлака и по пола ставете и во ванила кремот и во чоколадниот крем. На кратко изматете ги да се изедначат филовите.
На страна по 2-3 лажици оставете од двата фила за декорација одозгора на тортата а со останатото ќе се филова.

Подготовка на преливот
Водата и шеќерот ставете ги да зовријат и оставете ги 2-3 минути да вријат. Потоа тргнете ги на страна и додајте го румот или ликерот од портокал и оставете го да олади. Јас ја направив со рум зашто вкусот на портокал помалку го сакаат дома.

Подготовка на карамелот
Во мала тава ставете го шеќерот и водата да зовријат. Оставете ги да варат додека шеќерот почни да се карамелизира и да добие кремаста боја. Внимавајте само да не го прегорите да потемни. Тргнете го на страна и веднаш секое еклерче со горната страна потопете го во карамелот и превртени со карамелот надолу ставајте ги на рамна подлога со хартија за печење.
Оставете ги да оладат.
Кога се оладени наполне ги со фил или со слатка павлака.

Филовање на тортата.
Пандишпанот хоризонтално поделете го на половина.
На подлога за торта ставете една половина пандишпан и со помош на четка натопете го со половина од преливот. Нанесете го чоколадниот фил и израмнете го. Над него ставете го лиснатото тесто а над него нанесете го ванила филот и израмнете го. Ставете ја другата половина пандишпан и натопете го со преостанатиот прелив.
Изматете 200 мл слатка павлака, 2-3 лажици оставете за декорација а со останатата премачкајте ја целата торта.

Остатоците од печеното лиснато тесто со рака издробете ги, иситнете ги и нанесете ги странично по цела торта.
Одозгора на 8 места ставете ги еклерчињата, а меѓу нив со шприц слатка павлака. На средина со шприц ставите од оставените ванила и чоколаден фил.
Тортата ставете ја во фрижидер неколу часа да се олади и спојат вкусовите.

Напомена
Белките што остануваат од филот, по оргиналниот рецепт се матат со шербет на одредена температура и се ставаат во филот наместо слатка павлака како кај мене. Јас немам кујнски термометар и за да не згрешам при нивното правење ги заменав со слатка павлака. И тие можат да се искористат по рецепт од оваа страница.
Еклерчината кои ги користев ги направив и ги наполнив по мој рецепт кој наредно ќе го напишам.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани