Вака - така, поминаа 5 години од моето учество на оваа наша страна и дојдов до тристотиот рецепт. Нормално, како за секој поголем јубилеј, решив да ве почастам со нешто слатко, иако украсувањето ми даде таква мака, што многу пати си реков што ми требаше, па за тоа време додека се мачев, ќе направев 5 солени погачи и ќе измесев три кила кифлички, хахахаааа...
Тортата е убава, вкусна, лесно и брзо се прави (пресек ќе следи дополнително) и заслужува да биде јубилејна.
Ви благодарам Мои Рецепти за вашето постоење, вие ми сте дел од моето секојдневие, скоро редовно наминувам кај вас, да ве посетам, да се дружам...
Ги поздравувам и сите членки, без вас нема да има ништо...

За кората, избијте ги јајцата со шеќерот убаво. Какаото и брашното измешајте ги и прсеете ги. Постепено додавајте ги сувите состојки во јајцата, мешајќи со лажица.
Печете во калап (22 цм) кој сте го намачкале со масло, на дното ставете хартија, на 200 степени.

Претходно, загрејте ја слатката павлака и прелијте ја врз издробеното чоколадо. Промешајте да се стопи чоколадото и од смесата одвојте 2 црпалки за супа. Тоа ќе ни треба за глазура. Во неа ќе додадете, пред да ја прелиете тортата уште 100 гр чоколадо.
Кога ќе се излади добро павлаката измешана со чоколадото, изматете ја убаво да се добие крем и додајте ја пастата од лешници. (150 гр потпечени и исчистени од лушпата и блендирани се додека не се добие убава, мазна паста).
Кората пресечете ја на половина, премачкајте ја со половината од кремот, ставете ја другата половина и пак од кремот. Одозгора прелијте ја со глазурата.
Украсете по желба или само наросете ја со какао.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани