Драги мои виртуелни пријатели,

мило ми е што убаво се дружиме и си споделуваме рецепти на овој сајт. Вие со вашите интересни рецепти сме ми мотивација плус за да продолжам понатаму и да имам инспирација за многу рецепти. Добар дел имам пробано, добар дел чекаат на ред за проба, но за се ќе си дојде ред во соодветно време.
Кога кај други гледав 100, 200, 300 ... рецепти си викав, јас никогаш нема да успеам да ги направам, насликам и објавам, но ... морам да признаам, првите 100 беа тешки, со долги паузи и со не многу вложен труд, но од 100 до 200 некако се помина многу брзо и лесно. Најзаслужни за овие 100 рецепти се прекрасните хроно рецепти кои заради овој режим на исхрана кој го применувам, морав стандардните рецепти да ги прилагодам за хроно и ги споделував редовно со вас, па дел и од нашите членки се приклучија на хроно исхрана и многу ми е мило заради тоа. Се мислев за овој 200ти јубилеен рецепт да објавам некој интересен хроно десерт, но се преклопи времето со роденденот на мајка ми и не можев да одолеам, а да не направам една прекрасна роденденска торта по нејзин мерак.
Првично замислата беше да ја направам добро познатата Шварцвалд торта, но јас не сум јас ако не си направам измени и да си скоцкам по мое. Затоа и насловот е Маѓепсана шума, бидејќи оваа торта ќе ве маѓепса и со изглед и со вкус!

Содржи прекрасни кремасти филови, со вкус на чоколадо и ванила и сето тоа збогатено со капини. Ако сакате промени во изборот на овошје, може да користите и малини, шумски јаготки или пак вишни како во Шварцвалд. Мојот избор беше за капина, бидејќи досега ја немам користено во торти, освен еднаш, за мојата роденденска торта, па затоа и се одлучив сега повторно да ја вклучам како вкус, во комбинација со прекрасни мус кремови.

За подготовка на какао тестото, потребно ви е

1. Рерната загрејте ја на 180 степени. Округол калап бр. 26, обложете го со хартија за печење.
2. Одвојте ги јајцата на жолчки и белки.
3. Жолчките миксајте ги со шеќер и ванилин шеќер, додека смесата да се соедини.
4. Додадете го брашното и какаото и кратко измешајте со миксер.
5. На крај додадете ги меленете бадеми и рачно промешајте убаво.
6. Белките изматете ги пенасто, со еден прстофат сол. Пената од белки додадете ја во какао смесата и рачно промешајте убаво.
7. На крај додадете го и маслиновото масло и се заедно промешајте.
8. Смесата истурете ја во калап и печете околу 10тина мин.
9. Повторете ја постапката и за другата кора.
10. Корите се ставаат во влажна крпа, да стојат додека да се оладат.

*Ако сакате помала торта, пр. 20-22см, тогаш е доволна една кора, ќе се испече подебела и може да се пресече на пола.

Прелив од капини
Многу лесно за подготовка. Потребно е само да ги ставите на оган, додадете шеќер и гответе ги на тивок оган. Тие ќе пуштат прекрасен сок, кој потоа ќе ни служи за прелив врз корите.
Половина од капините се блендираат, заедно со сокот, а другата половина процедени капини, се чуваат цели за во ванила филот.

Фил од чоколадо
1. Се вари пудинг, стандардно со млеко, прашак за пудинг и шеќер. Во него се додава чоколадото и се меша за да се растопи. Се остава убаво да се излади, до крај!
2. Предходно изладената слатка павлака, ја матиме со миксер и одкако ќе се добие убава густа пена, се додава лимоновиот сок. Во тој момент ќе забележите дека ќе добиете густ бел крем.
3. Изматената слатка павлака се додава во изладениот пудинг, со постојано матење со миксер. Ќе добиете убав свиленкаст крем.

Фил од ванила
- Се подготвува на ист начин како и филот од чоколадо.

Чокоалден ганаж
1. Слатката павлака се загрева на тивок оган, но не смее да зоврие!
2. Се трга од оган и се додаваат коцките чоколадо, убаво се меша за да се растопи.

Редење на тортата

1. Во калап чии странични делови се отстрануваат, се обложува со фолија.
2. Се става прво едната чоколадна кора. Се премачкува со 1/2 блендирани капини.
3. Се прелева со чоколадниот фил.
4. Се става 2рата кора, малце се притиска за да убаво се израмни и филот и кората. Се прамачкува со блендирани капини.
5. Се става тенок слој од ванила филот. Низ него се редат целите капини и сосот кој останал, се разлева низ тенкиот слој фил.
6. Остатокот од кремот се разлева и убаво се израмнува.
7. Се остава во фрижидер убаво да се олади.
8. На изладената торта и се отстранува фолијата. Одозгора се прелева со чоколаден ганаж. Бидејќи тортата е ладна, тој веднаш се здрвува.
9. Јас за декорација користев капини и изрендано бело чоколадо.

Се надевам дека оваа прекрасна торта ќе ви се допадне и ќе се одлучите да ја пробате да ја направите!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови