Драги Мои рецепти, драги мои пријатели, драги посетители на оваа прекрасна страна, вљубеници во кујната... денес за мојот јубилеј -900 рецепт, ќе ве почестам со прекрасна торта со малини и два фила.
Тука ќе се заблагодарам на сите оние кои ме следат на странава, на сите мои пријателки, кои ги стекнав тука и кои несебично споделуваат рецепти од своите кујни, на МР, за секој убав збор, па и критика, за секоја добиена награда.
Ја нареков малинест облак, бидејќи не содржи брашно, путер или маргарин...
Тотално летно уживање е тортава.
Начин на подготовка
Во вангличка се ставаат 3 белки, кои претходно стоеле на собна температура и се матат во цврст снег.
Постепено се додава 3 лажици шеќер и ½ лажиче оцет.
Вака добиениот шам се нанесува на хартија за печење, на која претходно сме нанеле со пенкало, димензија на обрач бр 24.
( сметам дека слободно може да се користи и бр 26)
Користев готварски шприц и така го нанесов шамот на опачината на хартијата (значи не од кај обележеното.)
Корите ги сушев отприлика околу 15 минути на 170 с.
Но вие си ја познавате вашата рерна.
Готови се кога благо ќе поруменат.
На ваков начин се прават 3 безе кори.
Ги оставаме потполно да се оладат..
Сега го подготвуваме жолтиот крем
Во една касерола ги ставаме жолчките, млекото, густинот, шеќерот, пудингот и вариме на тивок оган до згуснување.
Со повремени мешања го ладиме кремот или го покриваме со проѕирна фолија за да не фати коричка.
Кога е изладен кремот, прво го матиме маскарпоне сирењето, па лажица по лажица додаваме од изладениот крем.
Тука додаваме и една до две лажици изматен а слатка павлака.
Сега го подготвуваме темниот крем.
Во касерола ја налеваме слатката павлака, на тивко да се загрева, па го додаваме кондензираното млеко, па чоколадото.
Тргаме од оган кога убаво ќе се соединат.
Оставаме да се излади.
Кога е изладен кремот, го матиме, но внимаваме да не добиеме многу цврст крем и додаваме нота свежина со една лажица полна кисела павлака.
Соединуваме.
Начин на редење на тортата.
На дното на тајнир за торта ја поставауваме првата безе кора.
Врз неа со шприц нанесуваме од жолтитот крем
Врз жолтиот крем наесуваме малини.
Покриваме со втората безе кора.
На неа го нанесуваме чоколадниот фил.
Покриваме со трета безе кора.
Со шприц го нанесуваме жолтиот фил.
Распоредуваме малини и ливчиња нане.
Оставаме во фрижидер 2 часа па послужуваме.
Совет- јас сакав да добијам рустичен изглед на тортава и ја правев вака како што ви напишав.
Но може да се користи калап- обрач, да се ставаи кора, жолт фил,малини, кора, црн фил, кора , жолт фил, малини... и од кога убаво ќе се олади, да се одстрани обрачот.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани