Тестото е многу убаво, без разлика дали ќе правите штрудла или козињак. За штрудлата дополнително ќе ви треба некој мармалад по ваш вкус, а за козињакот суво грозје. Овојпат јас направив две штрудли со мармалад од суви сливи и една плетенка козињак.
Најпрво растворете го квасецот во малку млако млеко, 1 лажиче шеќер, 1 лажица брашно и оставете го настрана десетина минути да се активира.
Потоа, додајте ги јајцата, маслото, салото, солта млекото и додавајте од брашното постепено, месејќи. Не треба многу долго да се меси, треба да се добие убаво, еластично меко тесто.
Оставете го да кисне, откако ќе се дуплира превртете го неколкупати и пак оставете го да кисне.
Поделете го на три дела. Можете да направите по три штрудли, три козињаци или мешано.
За штрудлите секој дел расучете го, премачкајте го со мармалад и завиткајте го во ролат. Ако правите козињак, секој дел поделете го на три дела, па секој дел истегнете го како врвца и сплетете плетенка.
Ставете ги на плех, премачкајте ги со јајце и тогаш вклучете ја рерната на 180 степени. Печете одприлика четериесетина минути, а во текот на печењето прекријте ги со фолија, да не ви изгори одозгора.
Сликата не е баш добра, се познава дека е сечено пред убаво да се олади.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови