Ова е една освежителна салата со урда и краставичка послужена во крцкава кора од печено тесто.
1. За подготовка на кората се мешаат брашното, пармезанот и солата и се додава ладниот путер исечкан на коцки. Најпрво со вилушка измешајте колку можете, а потоа со рака втријте го путерот за да добиете трошки. Путерот не треба целосно да се стопи во тестото, треба да се познаваат мали топченца низ него. Додадете ладна вода по потреба само да се поврзе тестото и обликувајте диск. Гледајте колку може помалку тестото да го месите со рака бидејќи на тој начин го топлите, путерот ќе се растопи и печеното тесто нема да ја има таа крцкавост.
2. Завиткајте го тестото во фолија и ставете го во фирижидер минимум ½ час.
3. Потоа извадете го, расукајте го со сукало и префрлете го во модлата за тарт во форма на квадрат со страна 20 см.
4. Набоцкајте го на неколку места, прекријте го со хартија за печење, врз хартијата ставете сув грав и ставете го да се пече на 180Ц 15 мин. потоа тргнете ја хартијата и допечете уште 10-15 мин.
5. Испечениот тарт оставете го да се олади.
6. За тоа време подгответе го филот, со тоа што ќе ги измешате сите состојки освен краставицата.
7. Краставицата со помош на ноже за лупење исечете ја на тенки ленти и неа ќе ја искористите за декорирање.
8. Оладениот тарт наполнете го со филот од урда и врз него украсно наредете ги лентите краставица.
9. Со четка премачкајте со маслиново масло и послужете.
• Краставичките може да ги исечете и тенко на крукчиња и така скалесто да ги наредите врз тартот.
• Тартот можете да го испечете и ден претходно, а со филот да го наполните 1-2ч пред да го послужите.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани