Две работи се важни за ова слатко.
Прво, одберете здрави и цврсти плодови и второ, мешунката ванила не ја заменувајте со ванилин шеќер или вештачка арома, токму таа му дава предобар вкус на ова слатко.

Подготовка
Црешите измијте ги во неколку води и исчистете ги од дршките и семките. Измерете колку се тешки исчистените цреши, исто толку шеќер ќе ви треба за ова слатко. Значи, на 1кг исчистени цреши, ставете 1кг шеќер.
Во длабоко и широко тенџере ставете го шеќерот и налејте вода онолку колку само да го покрие шеќерот (+/- 500мл). Ставете на највисока температура да се вари. Кога ќе зоврие намалете на средно јака (кај мене на 6 од 9) и варете го шербетот се додека да почне да „шушка“, или додека на површината се појават балончиња кои пукаат (види втора слика). Сега ставете ги црешите заедно со течноста која евентуално ќе ја испуштат. Додека се вари слаткото повремено отпенувајте го, по потреба намалете ја температурата. Половина час откако ќе зоврие, додадете го лимонот сечен на тенки кришки и мешунката ванила. Не го мешајте слаткото, туку по потреба повремено протресувајте го тенџерето. Кај мене слаткото се вареше 1 час. Готово е кога ќе почне обилно да пени како на четвртата слика, но сепак направете проба со тоа што ќе ставите малку од шербетот на тањирче и кога ќе се излади поминете со лажичка низ него, ако се прави пат, тогаш е готов.
Тргнете го тенџерето на страна и покријте го со влажна крпа. Оставете така да отстои 15 минути. Вратете го повторно на рингла да се вари, но само додека да зоврие. Повторно тргнете го на страна, покријте со влажна крпа и оставете го така преку ноќ или додека потполно да олади.
Ставете го готовото слатко во претходно стерилизирани теглички и затворете цврсто со капачињата.
На здравје.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани