Рецепти за овие соленки ги има мал милион, а толку соленки и сум направила. Но, ниту еден рецепт не ми се бендиса толку за да му се вратам уште еднаш, се‘ додека не ги направив по овој рецепт. И станав повторувачка!

За овој рецепт е многу пожелно да користите остро брашно, бидејќи тоа влијае на крцкавоста на овие соленки.

Од вкупната количина на млеко, одвојте 100 мл, додадете го шеќерот и квасецот и оставете го на топло додека не се запени квасецот.

Во меѓувреме со миксер пенесто изматете го путерот и додадете му ги сите останати состојки, вклучувајќи го и квасецот. Тестото убаво измесете го додека не стане мазно и еластично.

Поделете го на 3-4 топчиња и од секое топче расукајте кора со дебелина од половина сантиметар. Кората премачкајте ја со малку изматени белки (со вилушка кратко изматете ги, само колку да се разбијат) и посипете ја со афион. Со сукалото преминете преку афионот за да се залепи за тестото. Сега кората превртете ја од другата страна, повторно премачкајте ја со белка и посипете ја со сусам. Сусамот претходно пропечете го малку на сува тава, далеку е повкусен од оној суровиот. Со сукалото повторно преминете преку кората за да може сусамот што повеќе да се залепи за тестото.

Сега со остар нож, а најдобро со секач за пица исечете ја кората на тенки ленти со широчина од 1 цм. Фатете ги спротивните краеви на лентата и почнете секој крај да го вртите во спротивен правец, како кога завиткувате бомбон. На тој начин ќе добиете сврдли.

Сврдлите ставете ги на плех од рерна обложен со хартија за печење и печете ги во претходно загреана рерна на 200 Ц, додека не поруменат. Оставете го малку да се изладат, бидејќи се многу ровки кога се топли и се кршат.

Во добро затворена кутија со капак, може да стојат подолго време, без да ја изгубат крцкавоста.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови