Иако на сајтот сум скоро од неговите почетоци, славам скромен јубилеј од 200 рецепти. Можеби не толку активна со рецепти , но секогаш будно ги следам сите останати =))
Се започна на иницијатива на мојата ќерка, со нејзина помош се регистрирав и започнаа првите рецепти. Бидејќи јас не бев многу активна, а таа исто како мене е љубител на готвењето во последно време испраќа многу рецепти и е активна на профилот ( така што во последно време гледавте доста нејзини рецепти ) =))

Мило ми е што и двете сме дел од овој сајт, каде може да се научи нешто ново, каде разменуваме голем број на рецепти и се дружиме.

Во време кога повеќето деца ( а и некои возрасни =)) ) се заразени од спинер манијата , за нашиот јубилеј Христина реши да направи спинери кои се јадат =))

1. Првин ги мешаме сувите состојки, потоа ги додаваме медот, маргаринот и јајцето. Смесата ја месиме со рака.
2. Од тестото расукуваме кора со дебелина од 5 мм. Со модла во форма на спинер ( самата ја обликував од веќе постоечка модла која ја имав во форма на цвет ) вадиме форми. Со капаче од шише вадиме кругчиња, за секој спинер ни требаат по две кругчиња. Тестото го премесуваме и расукуваме подебела кора со дебелина од 1 цм, со поширока сламка вадиме цилиндрични форми со должина од 1 цм ( во прилог слика ) . За секој спинер ни треба по еден цилиндар, кој ни треба за да ги споиме сите делови. Формите ги редиме на плех , обложен со хартија за печење. Со сламката со која вадевме форми правиме дупче во центарот на секој спинерот, кое го рашируваме да биде малку поголемо од сламката.
3. Печиме на 180 степени 10тина минути. Оставаме да се изладат.
4. Белката ја матиме постепено со шеќерот во прав и цедениот лимон. Во половина од смесата додаваме прехрамбена боја ( јас додадов црвена ) .
5. Спинерот го украсуваме со црвена боја при тоа во средината оставајќи го спинерот празен во дијаметар колку големината на капачето . Половина од кругчињата ги украсуваме со бела смеса.
6. Едно кругче кое е празно го ставаме на рамна површина, во средина ставаме малку од белата смеса и еден цилиндар за да се залепи, откако ќе се залепи цилиндарот го ставаме низ спинерот . Следно на внатрешната страна која е празна од кругчињата кои се украсени со бела смеса, ставаме малку од смесата и го ставаме врз спинерот. Истата постапка ја повторуваме и со останатите.

Забелешка – јас направив половина од смесата за тесто и добив 10 спинери, 20 кругчиња и 10 цилиндри за поврзување.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани