Уште еден авторски празнично, Новогодишен рецепт кој оваа година се најде на нашата трпеза. Оваа година решив да не‘ изненадам со некои нови колачиња од оние кои што традиционално, со години ги правев за време на Новогодишните празници. Решив дека нема да дремам во кујна со саати, да ѕиркам низ стаклото од рерната за да проверам да не сум ги препекла колачињата. Оваа година решив да подготвам колачиња кои што не се печат. И не згрешив, ама ич!

„Спекулас„ кексите ги обожаваме! Обожаваме е мало зборче за она што го чувствуваме кон овие колачиња. Вистински зимски галеж, една експлозија на вкусови, карактеристични за зимскиот период од годината кои што едноставно ве милуваат и ве скокоткаат во грлото додека ги јадете. Бомбициве се еден вид омаж на овие колачиња. Подигнување на пиедестал, затоа што успеаја толку многу години да опстојат на пазарот и да му одолеат на конзумеризмот. Го задржаа духот на едно време безгрижно, на време кога единствениот проблем ти бил пишување на домашна задача или закачкањето на симпатијата. Вистинска временска машина за враќање во детството!

Лешниците претходно пропечете ги на сува тава или во рерна. Внимавајте да не ви изгорат, бидејќи ќе горчат. Кога ќе се оладат, излупете им ја кожичката. Ако не се лупат сите, без гајле, нема многу да го расипат вкусот на колачињата.
Лешниците, најубаво е да ги исецкате во сецко, за да останат покрупни парченца.
Во еден сад, ставете ги лешниците, додадете го мелениот „Спекулас„ кекс и убаво измешајте.

Во мало тенџерче, ставете ја павлаката и загрејте ја на рингла, додека не се појават меурчиња, значи пред да зоврие. Тргнете ја на страна и во неа додадете го чоколадото искршено на помали коцки и медот. Убаво измешајте за да се растопи чоколадото и оставете едно 5 минути, да се подизлади. Со оваа мешавина прелијте ги лешниците и кексот и убаво измешајте. Оставете ја смесата на ладно малку да се стегне и од неа формирајте бомбици.

Бомбиците извалкајте ги во мелени лешници и ставете ги во мали кошнички. Чувајте ги во затворена кутија, на студено место. Ако успеете да ги дочувате. Кај нас исчезнуваат со светлосна брзина!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови