Лека полека стасав и до 300-стотиот рецепт, кој овој пат е солена декоративна торта. Мојата присутност во оваа виртуелна дружба досега настојував да биде константна и се надевам така ќе биде и понатаму во зависност од обврските.

Оваа раскошна солена торта наменски ја украси нашата новогодишната трпеза, а вие може да си ја подготвите за Божиќ или за некоја друга убава пригода.
Комбинацијата на сите вкусови во неа, нема да остави никого рамнодушен.

Им благодарам на сите дружељубци на страницава, а посебно затоа што тука несебично се споделуваат дома подготвените рецепти, а и дел од своите мали тајни во готвењето. Ви благодарам МоиРецепти за сета поддршка и на сите вас прекрасни дами за сите коментари и дружба.

Подготовка на тестата
Првин се печат двете исти теста кои може да се направат и одвечер, а другиот ден да се заврши со филување и декорација.

1. Во еден сад се матат белките (на собна температура), додека се добие густ снег.
2. Во друг сад се ставаат жолчките, млекото, маслото, се меша и потоа се додаваат сите останати состојки. Сето се изедначува со помала брзина на миксерот.
3. Оваа смеса се соединува со снегот од белки, се става во округло тавче бр.26 кое е обложено со хартија за печење и се пече околу 25 минути на 180 степени.
Постапката идентично се повторува со второто тесто, а двете се ладат убаво.

Солен фил
1. Во сад се ставаат сите состојки за филот и мешајќи со поголема вилушка се соединуваат во хомогена смеса.
2. Со 1/2 од филот се премачкува првото тесто, се става второто тесто, а потоа со остатокот се премачкува горниот дел по страните.

Декорација
На страничниот дел од тортата со готварски шприц се нанесува кисела павлака која ќе послужи како лепак за чајната салама, а исто така со шприцот се декорира и долниот дел на тортата.
Тенко исечената чајна салама се става на страничниот дел, а помеѓу секое кругче чајна се става тенко морковче кое е сечено со ребраста алатка.
Од павлаката со шприцот се декорира и горниот раб на тортата, а потоа се ставаат наизменично половинки од чери домати и тенко исечената свежа крставица.
Во внатрешниот дел се ставаат наизменично исправени кругчиња чајна салама и морковчиња, и на крај се завршува со француски магдонос.
Се става во фрижидер да отстои неколку часа и се служи ладна.

Декорацијата може да биде и според сопствената имагинација и состојки.
Оревите го прават вкусот одличен во комбинација со филот, зеленчукот и сувомеснатото. Мајонез не ставам бидејќи со тоа ќе се скрати рокот на чување на тортата (ако остане), а вака во фрижидер може да стои 2 дена без да се смени вкусот.
Исто така, овој рецепт може да се изведе и како солен ролат.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани