Многу се радувам кога ќе откријам некој едноставен, убав, лесен, а совршен рецепт. Таков е и овој. Овие кифлички првпат ги пробав кај мојата драга пријателка и колешка, Светле од Прилеп. Ме воодушевија. Како што таа кажа, рецептот е многу стар, а кифличките се топат в уста. 
Измесете тесто од брашното, маслото, солта и водата. Водата постепено додавајте ја, отприлика влегува 200 мл, ама во зависност од брашното, можеби ќе треба да се промени количината. Треба да се добие убаво, мазно тесто, кое нема да биде ни многу јако, ама ни многу меко.
Поделете го тестото на два дела.
Секој дел расучете го колку што можете потанко.
Одозгора убаво наросете го со нишесте. Со раката истапкајте го нишестето, кората треба да е бела од него. Ако сте ставиле повеќе, само со раката истуркајте го настрана.
Сега почнете да диплите, како што се гледа на сликите. Здиплете го неколку пати, па кога ќе добиете правоаголна лента, пак ставете нишесте и здиплете го попреку.
Истото направете го и со другото тесто.
Сега секој дел пак расучете го, во големина од плехот во кој ќе печете.
Пресечете го на 4 дела.
На секој дел на средина ставете од филот кој сте го одбрале и само еднаш завртете го тестото, колку да се затвори ролатчето.
Сите 8 ролатчиња наредете ги во плехот. Пресечете ги во големина по желба.
Загрејте ги тие 120 мл масло и полека прелијте ги парчињата. Треба да ,,чврчнат,,
Одма ставете го плехот во загреана рерна на 220 степени, се додека не поруменат убаво.
Многу бргу се подготвува, ми се чини повеќе време го пишував рецептот отколку што го подготвував. Колку и да стојат кифличките се убави, ронливи, а вкусни...

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани