Сега откако се ослободивме од буквата „р“ во имињата на месеците, можеме и официјално да почнеме со подготовки на вкусни ледени десерти. Овој мој изум се состои од вишни, јогурт и павлака – едноставни состојки кои можат да се набават во секое време, а резултатот кој се добива со нив е прекрасен смрзнат јогурт или овошен сладолед ако сакате, кој нуди огромно задоволство на непцето во текот на топлите летни денови.
1. Смрзнатите вишни потопете ги во малку вода, за да се одмрзнат сосема малку.
2. Потоа измешајте ги со 100 мл. ладно млеко и со овошниот јогурт, ставете ја целата смеса во Нутрибулет или во друг некој појак блендер, па блендирајте ја околу 1,5 – 2 минути (ако треба и со повремени прекини).
3. Во сад на страна изматете ја шлаг пената со 250 мл. ладно млеко.
4. Додадете 1/3 од мешавината од јогурт и вишни. Измешајте со шпатула или лажица.
5. Во втор сад на страна изматете ја киселата павлака со шеќерот во прав. Во зависност од вашиот вкус, додадете или одземете шеќер.
6. Во пластичен сад за собирање сладолед, најдолу истурете ја смесата од шлаг, над неа смесата од кисела павлака и најгоре преостанатата овошна смеса од јогурт и вишни.
7. По желба измешајте, направете шари во садот.
8. Оставете десертот да се стегне преку ноќ, потоа послужете и уживајте!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови