Си замислив поинаков начин на конзумација на палачинките. Во овој рецепт исечкани како таљатели, а со карамел преливот и праските се доби екстра вкус. Ем освежителен, ем сладок, ем со интересна структура. Ова е целиот комплетен финиш и за мене одлична реализација на замислениот рецепт.

Подготовка
1. За палачинките ги ставаме сите состојки во еден сад и матиме со миксер. Тавчето во кое ќе ги пржиме го намаслуваме со малку масло и го загреваме.
2. Ставаме од смесата и ги пржиме палачинките една по една.
3. Откако ќе ги испржиме со помош на алатка за сечење пица ги расекуваме на ленти со ширина од околу 1 см.
4. За карамел преливот путерот заедно со шеќерот ги ставаме на средна температура да се стопи и карамелизира шеќерот. Ја додаваме слатката павлака која претходно сме ја загреале. Промешуваме и преливот ни е готов.
5. Ставаме од преливот една лажица на тањирот за сервирање, ставаме од палачинка таљателите, сечканите и излупените праски, промешуваме за да се натопат во карамел преливот.
6. Одозгора декорираме со чоколаден прелив и уживаме во вкусот.

Забелешка
Слатката павлака е потребно да ја загреете за да не прска кога ќе се стави во карамелизираниот шеќер, а и да не се направат грутки.
Праските може да ги прелиете со жешка вода до минута, па потоа да ги ставате кратко во ладна со мраз вода и да ги излупите, така е најлесно.
Кога ќе ги правите палачинките можете маслото да го ставите на крај откако ќе ги соедините сите состојки.
Јас инаку имам шејкер во кој што ги правам палачинките, па така да не вклучувам никогаш ни миксер, едноставно, додека ми се загрее тавчето смесата ми е веќе спремна за пржење.
Карамел преливот на оваа фотка не го оставив да се стегне ниту пак стоеше во фрижидер. Како што го направив така топол и течен го сервирав со палачинките. Значи може и ладни и топли да се конзумираат, оставам на вашиот вкус.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани