Погачата е одлична за свечани прилики, празници...
Ја правев за Василица, зашто ние не правиме мазник, туку лепче или погача. Погачите се вртат со пријатели, комшии, а последните 25 години и во ресторани.
Кај нас секогаш се правело дома, исто како за Бадник, само што лепчето е благо, се става од шербетот на баклавите. Така е со генерации, секаде е различно.
Оваа година направив блага погача, со локум, зашто поинаку не знам, локумот ни е обавезен во благите погачи.

1. Квасецот се става во млака вода да стаса.
2. Се сецкаат состојките за филот и се мешаат со белка.
3. Во сад за месење се додава просеаното брашно, но еден дел се остава за месење, се додаваат состојките, млака вода и се замесува меко тесто.
Се остава 1 час да нарасне.
4. Потоа се сече едно делче за во средина на погачата, се полни со фил, се прави како топка и се остава на средина на плех, број 32, покриен со хартија за печење.
5. Сега се дели тестото на 5 еднакви делови и секое делче посебно се работи.
6. Се расукува елипсовидна кора, на почетокот се става фил и се започнува ролатот, но не се витка до крај.
7. Остатокот се сече на ленти, но не до крај.
8. Ролатот се довиткува, па се мота како полжавче и така сите 5 делчиња се прават и се редат околу кругот.
9. Пак стасува, па потоа се премачкува жолчка, се ставаат парчиња маргарин или путер.
10. Се пече во загреана рерна на 200 степени првите 15 минути, а потоа се намалува и се пече до саканата боја.

Погачата одзема малку време, но не е тешка за правење. Имав налетано на еден локум со сушени рози, го искористив за декорација откако се испече погачата.
Може само ореви и локум, јас додадов суво овошје зашто ми беше останало.
Имам еден преубав предлог за сервирање. Кај нас дома, по традиција панетонето се јаде со путер.Е така и оваа погача можете да ја сервирате со путер, прекрасна е.
Арома, вкус, изглед, потаман си е сé, пробајте.

Пријатно!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани