Ова е еден од основните кремови во слаткарството. Идеален за филување на торти, колачи, десерти во чаша, еклери, тартови...Потсетува на кремот од пудинг, меѓутоа има многу поубава, кремаста, свиленкаста структура и многу побогат, поубав вкус.
Постојат повеќе верзии, со различен сооднос на брашно и густин, само со едното од двете, со различна количина на жолчки, некаде со додаден путер...
Состојките овде се според рецептот на професор по слаткарство Ги Диздје.

Подготовка
1. Жолчките се мешаат со шеќерот со жица за матење за убаво да се соединат.
2. Брашното и густинот се мешаат и се додаваат во смесата со жолчки заедно со неколку лажици од млекото. Убаво се размешува со жицата за да нема грутчиња.
3. Млекото се става на оган да се загрее.
4. Со тапата страна од ножот се гребат семките од стапчето ванила и заедно се додаваат во млекото.
5. Откако ќе се загрее млекото, да биде врело ама не да врие, внимателно малку по малку се додава во смесата со жолчки со постојано мешање со жицата за матење.
6. Се враќа кремот на средна јачина на оган и се вари со непрестајно мешање отприлика 2-3 мин.додека да се згусне (откако ќе проврие кремата многу брзо е готова).
7. Се вади стапчето ванила и кремот се остава да се олади. Промешувајте од време на време се додека целосно не се олади кремот. Така ќе спречите на површината да се зафати кора и кремот ќе има поубава структура.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови