Преубава кремаста торта со двоен крем, која верувам дека ќе ги усреќи сите домашни и ќе ја збогати празничната атмосфера во домот. Името ѝ е свилена затоа што кога ќе ја испечете кората најмногу асоцира на свила. А и вкусот е многу нежен, вкусен... свилен.
1. За подготовка на кората, најнапред изматете ги белките со оцетот, убаво, да запенат. Матете барем 2 минути.
2. Додадете го шеќерот и ванилата и матете со средна брзина на миксерот 5 до 7 минути, за да се добие цврста бела смеса и да се истопи шеќерот.
3. Добиената смеса истурете ја во тава за печење бр. 28, претходно обложена со пек хартија.
4. Печете во загреана рерна на 180 степени 6 до 8 минути, во зависност од јачината на вашата рерна, со постојан надзор. Кората треба да ја смени бојата само за нијанса, да се добие многу светло кафеава, дури светло кремаста боја.
5. Тогаш е печена и не плашете се ако премногу порасне при печењето, кога ќе се излади ќе спласне.
6. Кремот го подготвуваме така што 400 мл. млеко заедно со шеќерот го ставаме на оган да зворие.
7. 100 мл. млеко, ванилата, жолчките и брашното ги матиме многу добро, за да нема грутчиња (може и во блендер).
8. Така готова, смесата од жолчки ја додаваме во зовриеното млеко и мешаме додека да добиеме густ крем.
9. Го тргаме на страна садот, го покриваме и оставаме да се излади некои 20 минути.
10. Потоа го додаваме путерот и матиме со миксер, да ни се изедначи смесата.
11. Таа смеса ја делиме на два дела – во едниот ставаме рендано чоколадо и мелени ореви, а во другиот сечканите крем банани.
12. Тората ја редиме – кора – крем со банани – крем со ореви.
13. Декорацијата е по желба и можност.
14. Тортата ја оставаме неколку часа убаво да се стегне пред послужување.
Добар апетит!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови