Најубавата пролетна сарма!

Во Швајцарија нема штавељ ни за лек, па најубава замена му е блитвата.
Но и таа е поинаква, огромна, листови како чадори…
Потешко се прави сармата од таквата блитва, ако е во врела вода, останува пластична, ако зоврие, се кине. Затоа треба да се внимава.
Сармата од штавељ ја има неколку вида, а се прави и само посна, со ориз.
Значи со мелено месо и ориз, потоа полиена сарма, со јајца и кисело млеко и само со кисело млеко.

Ако сакате убав ориз во сармата, зрното да ви биде цело и да се брои, пржете го прво оризот, но подолго време.
Кај мене зависи од оризот, ако си имам кочански, немам проблем, ако не, изненадување...
Додадете го морковот ситно исецкан, па месото, пржете...
На крај кромитчето.
Може и по оној нормален редослед, кромид, морков, месо, ориз, но за младите домаќинки вака е подобро. Оризот ќе ви биде цело зрно, кромидот свеж неизгорен, не се плашете да промените редослед, може да биде и корисно во оваа фаза.
На крај зачините, повеќе сушено нане, најубав зачин за сармата.

Сега исечете го тврдиот дел од штавељот, а ако е блитва, обработете ги листовите, јас ги сечам дршките, а листовите на пола и го вадам најтврдиот дел..
Ставете ги во тава со врела вода на рингла, и бидете тука, нека почне да врие, па исклучете и тргнете од рингла. По некое време, вратете на рингла, проценете сами дали се омекнати.
Ако се преварат, ќе се кинат, затоа внимавајте.
Се витка како и секоја сарма.
Се реди во тавче, се залива со врела вода и зејтин.
Се пече колку оризот да е готов, не треба да се исуши наполно, треба да си остане сочна.

Некои ја сакаат попечена, посува, некои поводна, вкусови...
Обично тоа што го засекувам од зеленит дел, го додавам во месото и оризот кои ми остануваат.
Се сервира со кисело млеко.

Пријатно!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани