Рерната вклучете ја да се заграва на 175 степени. Округла модла со пречник од 26цм. намастете ја.
Во длабок сад ставете ги белките, водата и солта. Матете додека белките убаво се запенат и постепено додавајте го шеќерот. Кога ќе добиете цврста бела смеса, додавајте ги жолчките една по една. На крај додадете го брашното, густинот и пецивото и матете со најниската брзина на миксерот додека состојките се спојат. На крај додадете го ликерот, измешајте. Ставете ја смесата во модлата и ставете да се пече околу 35мин. или во зависност од рерната (направете проба со чепкалка). Откако се испекло, со нож одвојте ги рабовите од тестото од модлата и оставете во неа да се излади. Извадете го на страна и пресечете го хоризонтално така што подлогата за тортата да биде 1/3 (околу 1,5 цм.) од висината на тестото.

Подготовка на филот
Рафаело бомбиците исечкајте ги. Останатото тесто (2/3) издробете го во трошки и ставете во длабок сад, додадете кокосот, сечканите рафаело бомбици и ликерот. Слатката павлака изматете ја цврсто со шеќерот во прав. Ставете ја во трошките од тесто и убаво измешајте ја смесата.
Филот нанесете го врз тестото во облик на купола. Одозгора украсете со шлаг пена, наросете со кокос, наредете по желба со кандирани цреши, а рафаело бомбиците пресечете ги на половина и со нив украсете ја тортата.