Значи, ги обожавам! Не знам колку пати сум ги правела, ама знам дека ретко кога опстојуваат повеќе од 2 дена. Ха ха ха! Ова не е колаче за сечие непце. Само за сериозни љубители на чоколадо.

Чоколадото, павлаката и путерот растопете ги на пареа и оставете ја смесата да се излади. Во посебен сад ставете ги брашното, циметот, кафето, какаото и прашокот за пециво. Шеќерот и јајцата изматете ги па внимателно додадете ги во сувите состојки. Промешајте, па додадете ја смесата од истопените чоколади и путерот. Убаво измешајте со лажица и оставете ја смесата да одмори, додека се загрева рерната.
Со лажица правете топчиња и ги редите во плех обложен со хартија за печење. Редете ги подалеку едно од друго, бидејќи при печење доста ќе се рашират. Од оваа смеса ми излегоа 31 колаче.
Печете ги 9-10 минути на 190Ц. Печени се меки на допир, но кога ќе се изладат, стануват цврсти со крцкава, распукана коричка и сочна внатрешност. Рај за хедонисти!?

Неколку совети
Кога топите чоколадо на пареа, горниот сад никогаш не смее да биде потопен во водата од садот кој се наоѓа на ринглата.

Мешавината од суви состојки најдобро ќе ја додадете во другите состојки ако ја ставите во цедалка за чај и внимателно промешувате со шпатула додека смесата не стане хомогена.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови