Дали се сеќавате на путерките кои ни ги даваа на времето за школска ужина? Јас барем бев пресреќна кога ќе дојдеше денот за нив. Овој рецепт е баш за таквите путерки, ама уште поубави, домашно си е домашно.
Квасецот зафатете го со малку топло млеко, малку шеќер и 2 лажици брашно. Нека се активира.
Додадете го преостанатото млеко, маслото, шеќерот и солта и постепено додавајте брашно месејќи. Треба да добиете убаво, меко, нелепливо тесто. Нека се одмори дваесетина минути.
Салото и маргаринот измешајте ги. Можете наместо маргарин цела количина сало да биде.
Тестото поделете го на два дела.
Секој дел расучете го во голема кора и премачкајте го со половината од мешавината од сало и маргарин.
Расечете го на 8 дела, ама не до крај (види слика). Секој дел префрлувајте го на средината од кората. Истото направете го и со другиот дел од тестото.
Сега повторно расучете голема кора и пресечете ја на 16 триаголници. Ставете од мармаладот или чоколадниот крем и завиткајте кифличка. На првото виткање преку филот, малку притиснете од страните, да се заштити филот од течење. Виткањето да биде лабаво, немој да стегате.
Наредете ги путерките во плех, премачкајте ги со јајце и потоа вклучете ја рерната на 180 степени. За тоа време тие ќе покиснат. Не ги печете многу, само малку да заруменат.
На крајот извалкајте ги во шеќер во прав, измешан со ванила.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови