Кремаста, сочна, вкусна, вистинско слатко задоволство.
Поздрав до Луција, мојата пријателка која несебично го сподели овој прекрасен рецепт со мене, а јас со сите вас.

Подготовка на тестото
1. Бадемите ги преливаме со жешка вода да отстојат 10-15 минути. Ги лупиме, сушиме, па ги тостираме и мелеме.
2. Правиме две теста од состојките, значи 5 белки ги матиме малку да побелат, го додаваме шеќерот (100 гр) и матиме со миксер да се направи густа смеса. Додаваме 1 лажица рамна брашно, ванила екстрактот и мелените бадеми (100 гр).
3. Соединуваме со шпатула, да ни остане воздушеста смесата. Смесата ја истураме во намрсено и набрашнето тавче бр. 26 и ја печеме во загреана рерна на 180 степени. По околу 15-20 минути со прстите ја пипаме, ако не лепи готово е печено е тестото.
Печеме две вакви теста. Можеме да печеме и на намрсена хартија за печење.

Подготовка на првиот фил
1. Џемот од јагоди го ставаме на средна температура или на пареа со водата. Кога ќе стане лесен односно редок малку, ги додаваме ливчињата нане и неколку минути ги динстаме. Откако ќе излади џемот ги вадиме ливчињата.

Подготовка на кремот од жолчки
1. Ставаме дел од млекото заедно со шеќерот да почне да врие. Во него ги ставаме соединетите жолчки со остатокот од млеко и густинот. Вариме со постојано мешање додека да згусне филот. На крајот го додаваме екстрактот од ванила, промешуваме и го оставаме кремот да се лади.
2. Путерот кој ни бил на собна температура пенасто го матиме. Слатката павлака исто ја матиме.
3. Изладениот крем од жолчки го соединуваме со путерот, промешуваме, па целата смеса ја соединуваме со слатката павлака. Кремот ни е подготвен.

Редење на тортата
1. Го топиме белото чоколадо и го истураме на двете кори. Оставаме да се стегне и излади.
2. Врз чоколадото го распоредуваме првиот фил, џемот од јагоди.
3. Вр него распоредуваме половина од крем филот.
4. Со другата половина ја премачкуваме целата торта.
5. На крајот матиме слатка павлака, ја украсуваме тортата и редиме свежи јагоди, рендаме чоколадо и ставаме листови од нане.

Забелешка
Ако сакате тортата да ви е послатка ставете во слатката павлака шеќер во прав.
Тортава ја правев за прв пат, па по мене сметам дека може да се намали со слатка павлака во филот, ама зависи и од квалитетот на слатката павлака.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани