Ги сакам мрзеливите викенди. Недела, некогаш еден од најомразените денови, стана „мој„ ден. Ден, кој во потполност си го посветувам себеси и се разгалувам до максимум. Па да почнеме со разгалувањето од почеток. Од појадокот. Домашно подготвена пилешка салама, поширано јајце, путер врз леб без брашно. И кефир. Нема поубав почеток на денов кој доаѓа.

Поширање како термин, всушност значи згрутчување на јајцето во закиселена вода. Меѓутоа, колку и да изгледа лесно, треба малку искуство, колку да се „фатат„ цаките.
Во тенџере се става околу 1 литар вода и 2 супени лажици оцет и се остава водата да зоврие. Кога ќе зоврие, намалете ја температурата, бидејќи ако е пресилна, кога ќе го спуштите јацето, белката ќе ви се разлета по тенџерето. Значи, треба повеќе да струи, отколку да врие.

Во еден мал сад скршете го јајцето и во садот додадете неколку лажици врела вода (земете од тенџерето). Врелата вода ќе ја собере белката по краевите и нема многу да ви бега при поширањето. Сега со лажица разматете ја водата во тенџерето за да се направи вртлог и внимателно спуштете го јајцето во средината на вртлогот. Со лажицата буткајте ја белката кон жолчката, за да се спои.

Варете 2-3 минути, колку белката да стане цврста. Ако сакате поцврста жолчка, продолжете го времето на варење/поширање. Пошираното јајце извадете го со решеткаста лажица и ставете го во еден сад со ладна вода, да одстои минута-две, а потоа сервирајте го како самостоен оброк или како додаток на некое јадење.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови