Мали, слатки, меки, воздушести, личат на палачинки...тоа се тие - Пофертјес!
Холандски традиционален специјалитет, присвоен од Французите, најчесто се подготвуваат за празници во комбинација со шеќер во прав, чоколаден крем или стопен путер. Се подготвуваат во специјално тавче за пофертјес, тавче со округли мали модли кои му ја даваат препознатливата форма на ова пециво.
Јас ги направив во обично тавче, формата за жал повеќе е овална отколку округла, меѓутоа вкусот е предобар.

Подготовка
Млекото загрејте го до млако.
Во длабок сад ставете го брашното, квасецот, шеќерот, солта и жолчките. Додадете го млекото и измешајте со жица за матење или миксер, како ви е полесно, битно да нема грутки. Тестото ќе биде течно, нешто погусто од она за палачинки. Покријте со крпа и оставете на топло да стасува околу 30 минути.
Белките изматете ги во цврст снег, па додадете во нараснатото тесто и измешајте внимателно со жица за матење. Сега тестото ќе ја добие онаа убава воздушеста структура.
Во тавче за пржење ставете малку зејтин (околу 2-3 лажици, колку да се покрие дното), со супена лажица земајте по половина лажица од тестото и ставајте во загреаниот зејтин да се пржат пофертјесот. Пржете ги од двете страни на ниска температура бидејќи инаку ќе ви изгорат од надвор, а внатре ќе ви останат живи. Кај мене пржев на 3/9.
Послужете ги посипани со шеќер во прав, со нугат/чоколаден крем или со карамел крем.

Барајќи начин како да го подготвам пецивово без да купувам посебно тавче за нив, налетав на еден рецепт каде пофертјесот се печат во модли за мафини. Ова секако за да се добие округлата форма.
Во намастените модли се става по малку од тестото, се печат и се така додека не се потроши тестото. Во некоја прилика кога ќе имам повеќе време за експериментирање и играње во кујна сигурно ќе пробам и така да ги направам.
Пробајте ги, идеални се за секое време од денот, како појадок, ужина, десерт или вечера.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани