Бидејќи сум нова членка на сајтов, најпрво здраво на сите. Морам да признаам дека како „тазе“ домаќинка, вашиве рецепти во најголема мера придонесоа да се заљубам во готвењето. Сум подготвила преку 50 рецепти од сајтов и за ниту еден не сум згрешила што сум го подготвила. Прекрасни сте!

Како голем љубител на тестенини, комбинацијата на состојките за подготовка на рецептов ги смислив сама и морам да признаам превкусно е. Инаку подготовката е следнава.
Најпрво макароните се варат во солена вода со многу малку масло. Јас користев макарони во форма на машнички, бидејќи интересно ми изгледаат.
Додека се варата макароните, во подлабок сад се става урдата и се меша со павлаката, шампињоните (јас користев маринирани бидејќи за жал не смеам да јадам свежи, но може да се стават и свежи), јајцето, кечапот, сенфот и една лажица масло. Се додаваат зачини по вкус, јас ставив бибер, копар, кари и малку сол. Смесата убаво се меша.
Откако ќе се сварат макароните се цедат и се одмиваат со ладна вода. Во нив се става претходно подготвената смеса и убаво се меша. Сето тоа се става во намаслено тавче бр. 28 и се пече во рерна на 200 степени. Јас 10 минути пред крај го исклучив долниот грејач на рерната, да се запече убаво одозгора и да биде покрцкаво. Одлично одат со јогурт, а и со кечап или некој друг доматен сос, иако мене ми се превкусни без ништо друго.

Пријатен апетит!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови