Овие мафини немаат масло ниту маргарин, а ни шеќер. Значи тотално посни и здрави, одлични за пости без масло или за оние на кои им се допаѓаат вакви рецепти. Вкусно интересни и доста еластични по состав би рекла, а јас си се израдував на мојата креативност и инвентивност бидејќи си измислив успешен рецепт кој при подготовката нема утка.

- Познато е дека меленото ленено семе се користи како замена за јајца во посни рецепти, па затоа го искористив овде. Со сечилото за семиња од Нутрибулетот го измелив лененото семе, го полеав со вода и го оставив да откисне 15 минути.
Нормално може да се употреби и купечко мелено ленено семе.
- Со мелење на овесните снегулки добив овесно брашно (секако може купечко) и го ставив во подлабок сад.
- Во садот сега се ставаат сувите состојки (брашно, сода бикарбона, пециво, сол, кокос, мелен орев), се меша сето.
- Се додава накиснатото ленено семе, потоа киселата вода, се меша да се соединат состојките и на крајот се додава медот, кој се става во количина зависно од посакуваната блажина.
- Бидејќи во мафините нема масло, јас употребив силиконски калапи за мафини од кои лесно се вадат после печењето. Калапите се полнат малку помалку од сосем полни, бидејќи не нараснуваат многу како класичните мафини со јајца.
- Мафините се печат на 180 степени околу 30 минути, а изладени можат да се наросат со какао во прав.
Може да се јадат и со некој џем или мармалад по избор.
Пробајте!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани