Во Прилеп за славата Св.Никола се вели дека половина град ја чека, а другата половина оди кај нив на гости. Св.Никола е куќна слава на моите родители, а мајсторот за познатите прилепски Св.Николски сарми мали колку нокт, е мојата мајка. Од незе научив и јас и овде го прикажувам нашиот годинешен мајсторилак.
Сармата се прави ден порано. Листовите зелка се сечат на парчиња колку што сакаме да биде мала сармата. Во нашиов случај 3х4 см. Потоа се спрема филот. Оризот се промива на цедалка. Убаво се исцедува, се додава малце сол, доста црвен пипер, по вкус црн пипер и масло да го покрие оризот. Од овој фил се зема по малку и се витка сармичка која се стегнува со раката за да не се растури во варењето. Се редат во сад кој може да се стави во рерна, претходно намачкан со масло. Ако се прават два реда меѓу нив се ставаат цели листови зелка и над нив се тура масло и црвен пипер. И на горниот ред се тура масло и црвен пипер. Се става доста масло затоа што, на зелката и треба малце повеќе мрсно за да биде повкусна или како што велиме во Прилеп мрсното го прави посното.
Се дотура врела вода 2-3 прсти над сармите и се става над нив сад доволно голем да ги покрие сите сарми за да не се мрдаат во текот на варењето. Мајка ми става тавче со скоро иста големина со тенџерето каде ги ставаме сармите и го полни со врела вода за да не се крева, а потоа од таа вода се дотура ако има потреба.
За вкусот нема да зборувам треба да се проба, мене ми се омилено јадење.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови