Рецептот на Кате, ме охрабри да ставам и јас еден начин на подготовка на апетисани.
Сега ќе прикажам мешавина на семки од тиква со јаткасти плодови.
Не знам дали има некој што не печел семкиод тиква.
Јас се сеќавам на семките и ми останале убав спомен од детството.
Баба ми ќе ги наредеше на весници во тогашно време и на сонце ќе ги сушеше убаво.
Истото го продолживме како традиција.
Ајде сега да прикажам што знам, но и што се најдов на нет за семките и јаткастите плодови.

Најпрво да почнам со семките.
Мора да се знае дали тиквата е за печење или за варење затоа што има разлика во семките.
Преполовете ја тиквата и со лажица убаво извадете ги семките од средишниот дел.
Убаво исчистете ги под млаз вода и ставете да се исцедат на цедалка, ако сакате може да ги забришете од водата со кујнска хартија, па потоа наредете ги на хартија и оставете да се исушат на сонце.
Разделете ги убаво да не се залепат.
Откако ќе се исушат убаво соберете си ги во кутија или хартиена кеса, па служете си по потреба.

Во тава ставете од сувите семки.
Попрскајте ги со маслиново масло и нерафинирана сол.
По вкус додајте си зачини да си ги направите како маринирани семките.
На пример на цела количина ставете 1/3 лажиче кари и благо промешајте да се соедини со маслото и солта.
Печете ги на висока температура околу 15 до20 минути, повремено промешувајќи ги. Јас пробувам колку се крцкави и така знам кога се готови.

Е сега ако сакате плус да додадете јаткасти плодови, постои можност да печете заедно или пак на страна.
Еве јас ќе споделам за печење на страна, а потоа смешајте си ги готовите во една тегличка и ќе имате убави грицки.

Прочитав дека јаткастите плодови да бидат покорисни во исхраната треба да се потопат во вода.
Пишува дека ќе цитирам....

Јаткастите плодови содржат голема количина инхибитори на ензимите и тоа е причината зошто тешко се варат и можат да предизвикаат проблеми со желудникот.

Затоа, подобро е да ги потопите во вода за да се неутрализираат ензимите.
Земете ги јаткастите плодови, додадете нерафинирана сол дополнете вода, поклопете со капак и оставете да стојат најдобро преку цела ноќ.
Исцедете ги од водата исушете ги на кујнска хартија и наредете на хартија за печење.
Печете 10минути на јака температура.
Мислам дека придонесов нешто плус на оваа страна со овие мои информации.
Простете што бев долга, но сакав сеопфатно да прикажам.
Ќе ја оставам уште табелата која ја најдов , на кое јаткасто плодче колку време му е потребно да биде во вода.

Забелешка

1. Ореви 8 часа, бадеми 12 часа, семки од тиква 7 часа, лешници 8 часа, ленено семе 6 часа

На здравје нека ви биде.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови