Декоративна, вкусна и многу мека погача.
Квасецот, шеќерот, водата и брашното измешајте ги и оставете ги петнаесетина минути, да се активира квасецот.
Потоа додајте го јајцето, маслото, солта, киселото млеко и постепено додавајте брашно месејќи. Тестото кое ќе се добие треба да е мазно, меко, нелепливо.
Оставете го да кисни половина час, малку премесете го и пак оставете го да кисне додека се дуплира.
Тестото поделете го на три дела, еден помал за во средината, а останатото на два еднакви дела. Секој дел расучете го во долга правоаголна кора, па премачкајте го со омекнат маргарин (50 гр). Завиткајте го во ролат. Истото направете го и со другиот дел од тестото.
Тенџере (24 цм) премачкајте со маргарин и ставете ги двата ролати наоколу. Внатрешниот ролат сечете го со ножица под агол од 45 степени и парчињата префрлувајте ги врз другиот ролат (види слика). Во средината ставете го третиот дел од тестото.
Одозгора премачкајте го со разматена жолчка со малку масло, ставете семиња, во средината цурекот или афион, а одоколу сусам. Нека кисне половина час.
Печете во загреана рерна на 180 степени, а кога ќе зарумени покријте ја со фолија и нека пече отприлика уште половина час.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови