Едноставно, но многу освежително смуди кое го најдов кај блогот на моите пријателки. Иако е само со праски, тоа што се замрзнати даваат посебно доживување на вкусот, како и самиот избор на зачини кој јас си го прилагодив спрема мојот вкус и она што го имам. Ако кажам дека и домашните го обожаваа, а воопшто не подлегнуваат на „моите експерименти“, тоа значи дека прва прилика обавезно треба да го пробате.

Значи, праските предходно треба убаво да се измијат и да се исечкаат на парчиња. Потоа се ставаат во мали кеси за замрзнување и убаво се затвораат, па се ставаат во замрзнувач. Најдобро е тоа да го направите од вечер, па така утрото ќе го започните со прекрасно освежително смуди на овие високи горештини.

Смрзнатите праски се ставаат заедно со останатите намирници во чашката на Нутрибулетот и се заедно се миксира до компакност.
Течноста се истура во поголема чаша и се пие веднаш.

Доколку немате некој од зачините што се предложени во состојки, слободно заменете си ги со тоа што ви е по ваш вкус или тоа што имате по дома. Така, зачинот за пченица можи да го замените со морско оревче, цимет или кранфилче, а шеќерот со вкус на портокал и ѓумбир со шеќер со вкус на лимон и малку ѓумбир во прав или малку свежо рендан ѓумбир.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови