Нежни, кремасти, со вкус на малина, во комбинација со афион, со еден збор милина од коцки. Изедени за миг, задоволството на квадрат. Одлични за дегустација и за декорација за разни прилики.

Подготовка
1. Се прави првото тесто и се делат белките од жолчките. Белките и шеќерот се матат убаво до цврст снег. Се додава афионот, брашното и пецивото и се меша со шпатула.
2. Смесата се распоредува во правоаголно тавче ( 20х29 см.) кое е обложено со хартија за печење, се пече во загреана рерна на 180 степени околу 15 минути.
Се отстранува хартијата од тестото и се остава да се излади. Се прави второто тесто со истите состојки на истиот начин.
3. Пудинзите се мешаат со шеќерот, се одзема малку млеко од вкупната количина, се ставаат 6-те жолчки, се мати убаво со жица за матење да се добие смеса за пудинг без грутчиња.
4. Остатокот од млекото се загрева, па во него постепено се става смесата за пудинг и на тивок оган со жицата постојано се меша додека не се свари густ крем, но се внимава да не загори на дното. Се лади убаво.
5. Путерот/маргаринот кој треба да е на собна температура, се мати пенесто со шеќерот во прав и се соединува со целосно изладениот крем од малина и жолчки.
6. Првото тесто се премачкува со 1/2 од филот, врз него се става второто тесто, се премачкува со втората половина од филот, се остава во фрижидер додека се подготвува шлагот.
7. Се мати прашокот за шлаг со млекото и се премачкува врз кремот, а од шлагот се остава малку за украсување на коцките. Се става во фрижидер да се стегне малку за да може коцките да се сечат поубаво.

Забелешка
- Користете поголеми јајца кои треба да стојат на собна температура за да може белките убаво да се изматат.
- Овде користев немелен афион, но исто така може да се користи и сомелен.
- За да се скрати во време, првин може да се направи кремот и да се прават тестата додека тој се излади, но белките треба да се разделат по 3 во 2 сада.
- Јас го обожавам вкусот на малина, па затоа го направив со него и го потенцирав вкусот со екстрат од малина, но може да се направи и со друг вкус по избор.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани