Наполеон труфли е мој авторски рецепт, кој настана како продукт на истражувања и комбинација на повеќе состојки. Имено, не практикувам додавање на термички необработени јајца во десертите, па барав начин како да ги направам овие познати труфли, без спорната жива белка која инаку е вообичаен составен дел на овие бомбичиња.

По вкус, многу потсетуваат на познатите рум плочки, кои будат спомени од детството, а филот од варени жолчки е вистински куриозитет во морето на десерти кои секојдневно се во експанзија. Некако, како поминува времето, се‘ почесто се навраќам на некои подзаборевени рецепти, на стари рецепти за бисквитни кори и филови. Мирисаат на детство, на дома, на мрзелива недела и весели празници. Мирисаат на живот.

Најпрактично е прво да ги направите жолтите топчиња, односно внатрешноста на труфлите. Тврдо варените жолчки (не ги преварувајте, за да не ви бидат темнозелени) испасирајте ги и измешајте ги со шеќерот во прав и со размекнатиот путер. За да не ви се прават грутчиња од пасираните жолчки, најубаво ќе ги испасирате ако ги протиснете низ цедалка за чај.
Смесата ставете ја во фрижидер добро да се олади и потоа внимателно формирајте малечки топчиња со големина на џамлија. Мене ми излегоа 18 топчиња. Ќе беа и повеќе, ако не изедов малце од смесата додека се ладеше. Топчињата ставете ги во замрзнувач, додека ја подготвувате обвивката, односно темната смеса.

За темната смеса, истопете ги чоколадото и путерот, внимавајте да не ви зоврие или ви загори. Печените бадеми иситнете ги во сецко, за да останат и малку покрупни парченца. Убаво е кога крцкаат под забите. Во еден сад, ставете ги бадемите, додадете ги мелените бисквити, шеќерот во прав и румот. Убаво со рака измешајте и внимателно додавајте неутрална павлака за готвење. Внимавајте на количината на павлаката, бидејќи не секој кекс впива еднаква количина на течност. Кога се‘ ќе измешате убаво, ќе се формира смеса која што се одвојува од ѕидовите на садот. Оставете ја да се олади и поделете ја на онолку делови колку што имате жолти топчиња. Секое парче темна смеса растенчете го на раката како плескавица и во средината ставете го жолтото топче (директно од замрзнувач). Формирајте топче и оставете го на страна. Вака формираните труфли, извалкајте ги во просеано горко какао (без додаток на шеќер), ставете ги во корпички и оставете ги на студено, да се стиснат. Вака подготвени можат да стојат со денови, во добро затворена кутија и на студено место.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови