Ова јадење го сакаме сите дома, но најчесто го правиме после Велигден бидејќи тогаш остануваат варени јајца и се мислиме што поразлично да направиме со нив. Како и да е интересна идеја за ручек, особено во овој период.
Компирите се лупат, се сечат на кругови и се ставаат во пластичен сад. Во нив се додава 3-4 лажици масло и мешан сув зачин, се меша убаво и се оставаат поклопени со капак така да стојат околу половина час. За тоа време доколку немате претходно сварени јајца, можете да ги сварите јајцата и да ги излупите.
Тавче бр. 28 го премачкуваме со путер или маргарин (јас овој пат правев во правоаголна тава, но големината е иста). Во тавчето редиме еден ред од компирите (1/3) кои отстојале со маслото и мешаниот сув зачин, врз нив редиме 4 варени јајца исечени на кругови. Врз јајцата ставаме мелен црн бибер, па редиме уште 1/3 од компирите, па ги редиме останатите 4 јајца исечени на кругови и ставаме мелен црн бибер. Одозгора ја редиме последната 1/3 од компирите и посипуваме со течноста која што ја пуштиле компирите во пластичниот сад.
Така подготвената мусака ја ставаме во рерна да се пече на 200 степени. Настрана ги мешаме киселата павлака, млекото и ренданиот кашкавал. Кога малку ќе поруменат компирите ги посипуваме со смесата од павлака, млеко и кашкавал, наросуваме одозгора 1 лажица пармезан и ја враќаме мусаката да се допече.
Откако ќе се испече мусаката, ја вадиме малку да се залади и највкусна е кога се служи малку оладена, но доколку не ја служиме веднаш ја покриваме со алуминиумска фолија да не стане сува.
Ова јадење одлично оди со зелена салата и младо кромитче.

Добар апетит!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови