Еве една идеја за вкусен ручек – мусака. Знам дека ги има многу рецепти за овој преубав македонски деликатес, но сакав да го споделам и мојот начин на подготовка овде со вас. Ние ја обожаваме мусаката вака спремена, се надевам ќе ви се допадне и вам.
*Тиквичките може да се заменат со компири и обратно.
*Додадете масло и зачини по ваш вкус и желба.
1. Прво се приготвува филот за мусаката.
2. Во подлабоко тенџере или тава на тивок оган, го ставаме маслото да се загрее.
3. Додека тоа се случува, на страна се сечка кромидот, а потоа и доматот.
4. Се додаваат во садот на оган со загреано масло.
5. Се пржат на средна температура (3/2) додека доматот не пушти сок, а кромидот треба да се застакли.
6. Потоа се додава меленото месо, заедно со сите зачини кои сакате да ги додадете (наведените се задолжителни).
7. Се промешува убаво целокупната смеса во садот, па се остава да се крчка околу 20 минути на истата температура, со повремено промешување, додека месото да добие убава кафеава боја, која што е знак дека е подготвено.
8. Потоа се додава оризот и убаво се промешува, се исклучува ринглата, па се остава уште малку да се крчка (некои 5 минутки) со повремено мешање, пред да се тргне на страна готовиот фил.
9. Рерната се вклучува на 250 степени, за да се загрее.
10. Во тава за печење бр. 36 се редат исечените по должина и хоризонтала компири. Со нив треба да се покрие целото дно на тавата, па во зависност од нивната големина ќе ви требаат 3, 4 а можеби и 5 компири ако се помали.
11. Врз компирите се истура целиот претходно спремен фил.
12. Врз филот, кој треба рамномерно да се распореди врз компирите, се редат исечканите на крукчиња тиквички. Исто и тиквичките, можно е да ви се потребни повеќе од 2, пак во зависност од нивната големина и дебелината на која што ги сечете.
13. Вака спремената тава, налејте ја со вода, да го покрие врвот на тиквичките.
14. Внимателно ставете ја тавата во загреаната рерна, оставете мусаката да се вари околу час и половина (можеби повеќе или помалку во зависност од вашата рерна), со постојан надзор.
15. Во меѓувреме спремете го преливот – изматете ги јајцата со киселото млеко, додајте ја водата или млекото, па доизматете убаво.
16. Откако водата со која што ја преливте мусаката е извриена, прелијте со смесата од јајца.
17. Исклучете ја или намалете ја рерната, па вратете ја мусаката за да се впие преливот од јајца.
18. После тоа мусаката е готова, а откако малку ќе се излади и спремна за послужување.
Ви посакувам одличен апетит, се надевам дека ќе уживате ако се одлучите да ја спремите!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови