Знам дека ајварот, оној вистинскиот се подготвува само со пиперки, но кога се прави голема доза како за нашата фамилија, мора и да се комбинира зеленчукот за да излезат повеќе тегли. Така да овој наш ајвар е всушност комбинација од повеќе врсти на зеленчук.
Инаку по составот е сличен на малиџано, ама никој нема да отиде во подрум ако му речеш да оди да земе малиџано, ама ако му речеш да оди по ајвар, е тука веднаш се станува. Значи ова е нашиот ајвар.

Подготовка
1. Пиперките ги миеме и бришеме и ги ставаме на ѓумбе да се печат. Ги редиме во кеса и ја подврзуваме кесата. Откако ќе подизладат ги лупиме им ги отстрануваме семките и дршките.
2. Морковите ги вариме, а модрите патлиџани ги печеме во рерна или на ќумбе, ги ставаме во кеса, па и нив ги лупиме.
3. Измиените везени пиперки ги исчистив од дршките и дел од семките, ги сомлев во нутрибулет, ама може и во машинката за мелење месо.
5. Целиот зеленчук го мелеме во машинка за мелење месо. Го ставаме мелен во големо тенџере и го упржуваме .
6. Кога ќе почне да врие му ставаме оцет и околу 1,5 л масло. Мешаме постојано додека да се запржи.
7. Кога ќе биде при крај (околу 15 минути до крај) пржењето, го додаваме остатокот од маслото кое сме го загреале, значи жешко маслото, го додаваме и шеќерот, па мешаме до соединување и продолжуваме со пржење. На крај ставаме сол и сенф.
8. Го ставаме во тегли и добро ги затвораме капаците. Ги ставаме теглите една до друга и ги покриваме убаво за да ја задржат топлината и да се вакумираат.

Забелешка
Јас правев дупла доза, затоа на фотографиите ми е полно тенџерето. Откако почна смесата да врие, го пржев околу 2,5 до 3 часа, со постојано мешање.
Модрите патлиџани со отстранети дршки ги печам во рерна на 220 степени, цели, не ги сечам и не ги лупам пред печење.
Ставив и дел палмово масло наместо сончогледово, тоа ни е по вкус, а и погуста структура добива потоа ајварот. Сол по вкус, како и везен пипер, ако сакате лута варијанта на ајвар. Внимаваме со пржењето да не ни се препржи смесата, за да не ни излезе маслото или што би рекла мајками „да не ни избие зејтин“.
Дали се вакумирани капаците на теглите ќе видите откако ќе се изладат односно треба да бидат вовлечени навнатре.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани