Залади времето, идеално време за месење и еве ме повторно со мојата љубов, тесто.
Направив интересна, декоративна и исклучително мека погача.
Топло ви ја препорачувам.
Дегустаторите беа презадоволни.

Прво во топлото млеко ги ставаме квасецот, шеќерот и едно лажиче брашно.
Промешуваме и оставаме да се активира.
Потоа во вангличка ги ставаме солта, активираниот квасец, маслото, млекото, јогуртот, јајцето.
Сето лесно со вилушка го соединуваме.
Почнуваме да го додаваме брашното и месиме, се додека не добиеме меко, но не и лепливо тесто.
Го покриваме и оставаме да одмори 30 минути.
Потоа го делиме на 5 топки.
Четири топки ги расучуваме во правоаголни кори.
Две од нив ги мачкаме со путерот кој стоел на собна температура.
Врз секоја кора поклопуваме со уште една правоаголна кора.
Значи имаме на две места по две кори.
Филот го делиме на половина и го ставаме и на едната и на другата кора.
поединечно ги виткаме во ролати.
Добиените ролати ги испреплетуваме меѓу себе.
Ги ставаме во округла тава, бр 26 која сме ја намачкале со малку путер.
Од останата топка тесто, правиме 8 мали топчиња.
Во секое топче во средината ставаме коцка сирење, пак формираме топче.
Вака добиените топчиња ги валкаме во изматеното јајце и ги валкаме во палента.
Ги редиме во празниот простор кај потковицата.
Со остатокот од јајцето, кај што додаваме масло, ја премачкуваме цела погача.
Наросуваме сусам.
Оставаме да кисни 20-25 минути, па ја печиме во загреана рерна на 200 с, околу 40-45 минути.
Ја вадиме на кујнска решетка да се излади, па ја послужуваме со чаша јогурт.
На здравје.
Подготовка на филот- на загреано масло го пржиме исецканиот праз.
Го тргаме од оган додаваме сирење, сол, бибер и од кога ќе излади јајцето.
Промешуваме и го делиме на два дела, за двата ролата.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани