Во моето детство, милибродот беше задолжителен за Велигден, а гледам и сега е, и мило ми е…
Тоа е наша традиција, толку многу богата, рецепти има многу, во некои краеви се вели козинак, а кај нас милиброд и чурек.

Мајка ми секогаш милибродот го правеше и сеуште си прави, со мармалад, па еден ролат со мармалад од сливи, еден со мармалад од смокви, трет само со ореви, локум, убавина…
Најмногу ги сакам со ореви и локум.

Кај нас е традиција милибродот и чурекот да се јадат со варено јајце, ете тој наш типичен благо-солен вкус, преубаво е.

1. Квасецот стасува со шеќерче и брашно малку во млака вода.
2. Се просејува брашното во сад за месење.
3. Се додаваат состојките, освен маргаринот или путерот и се меси меко тесто.
4. Маргаринот или путерот се топи и оладува, па се додава на крај од месењето.
5. Се остава да стаса околу 1,5 час, покриено.
6. Стасаното тесто се дели по желба, јас направив милиброд плетенка и 2 помали чуреци.
7. Секој дел се дели на 3 дела, се формираат долги парчиња и се плетат плетенки за секој дел.
8. Во плетенките може да додадете по желба ореви, суво грозје, локум, суво овошје…
На средина на чуреците може да ставите топче од фолија, за да остане место за јајцето.
9. Се ставаат во намастени калапи и повторно стасуваат околу 30 минути.
10. Се премачкуваат со помешани жолчки и млеко.
11. Се печат на 180 степени околу 35-40 минути.

Меки како памук, со конци. 
Овој пат милибродот беше со ореви.
Испробани од многумина, сите презадоволни.
Пријатно!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани