Модрите патлиџани ги готвам преку цела година, но најчесто без месо, освен во мусаката. Ме инспириравте со сите ваши преубави рецепти, па ајде уште некој рецепт, овој пат нека е со месо. Рецептите во тесто ми се исто така омилени, едвам дочекавме да сликам и да пробаме. Превкусно беше, ни кошничките не останаа...

Постапка

1. Најпрво подгответе тесто кое не мора долго да стасува, обично тесто за пица, најпогодно ми е,
2. Нека се активира квасецот во малку млака вода и шеќерче.
3. Просејте го брашното, додадете ја солта, зејтинот и стасаниот квасец, вода постепено. Замесете средно тврдо тесто.
4. Расукајте кора, расечете парчиња поголеми од садовите во кои ќе ги печете.
5. Садовите треба да се големи колку еден патлиџан да може да се смести, исечен на половина за да се добијат како две чаши.
6. Премачкајте ги со зејтин садовите и ставете од парчето тест, полепете го на зидовите и направете на обрачот на садот како фалтички.
7. Сега измиените патлиџани, како што реков, сечете ги на половина, да се добијат како 2 чаши, направете им рамно дно со отсекување кришка на краевите. Посолете ги, нека постојат 10 минути, па измијте ги.
8. Сега издлабете ги во средина, а таа средина исецкајте ја ситно, ќе ви треба за во месото. Патлиџаните се подготвени, ставете ги во тестото, посолете ги внатре малку. Сите садови ставете ги во поголемо тавче, полесно се вадат и ставаат во рерна на овој начин.
9.На крај, испржете ги пиперките и сецканите патлиџани, додадете го месото, свртете го неколку пати, потоа доматите, а на крај зачините. Треба само малку да се испржат, зашто ќе се печет. Наполнете ги патлиџаните и ставете да се печат на 200 степени. Пред крај ставете одозгора рендан кашкавал само колку да се растопи.

Напомени

Треба да се внимава да не изгорат тестата одозгора, затоа нека се печат прво од долната страна, значи рерната да работи одоздола. Јас ги ставам садчињата во тавче, така полесно се манипулира со нив, но со тоа има дупло дно, па затоа одоздола нека се пече повеќе, да не останат живи корпињата.
Зачините се многу битни, ставив и од зачинот ќебап кој е преубав за мелено месо и уште еден мешан со рузмарин и дафинов лист... Милина од ароми.
Ова јадење е всушност една моја варијанта со месо на Имам бајалди, најубавото летно јадење. Таму преовладува лук и магданос, овде е поинаку, а за да не биде тешко јадење, помагаат зачините.

Се сервира со кисело млеко, павлака, препечено лепче...
Одлично летно мезе, ароматично, лесно за јадење...
Никогаш доста од модрите патлиџани!

Повелете!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани