- Сирењето изронете го, поделете на 4 дела.
- Стопете ги маста, маргаринот (или што сте избрале вие) и  додадете го маслото. Оваа смеса е за премачкување на корите при формирањето и треба да е млако во тој дел на постапката.
- Ставете во сад од вкупната количина на млака вода одземете 100 мл, ставете го во неа шеќерот да се раствори, додадете 2-3 лажици брашно во кое сте го измешале квасецот и оставете да се активира.
- Во остатокот од млаката вода (300 мл.) додадете солта,  размешајте да се стопи, додадете го киселото млеко.
- Откако се активирал квасецот, додадете 7 лажици од маслото. Во оваа смеса додадете го киселото млеко. Размешајте да се спојат сите состојки и почнете да додавате од брашното. Измесете меко еластично тесто.
- На побрашнета работна површина со раце домесете уште малку тестото, растегнете го малку,  премачкајте со 1 лажица масло, здиплете го тестото, месете додека не се впие маслото, пак растргнете. Премачкајте со 1 лажица масло, пак месете, здиплете го, пак растегнете, премачкајте пак со 1 лажица масло, измесете и оставете во садот да стасува се додека не го удвои обемот (околу 1 час)
- Откако повторно стасало тестото, без да го премесувате, поделете го на 4 еднакви дела.
- Од првиот дел истегнете кора во дебелина од 5 мм. напрскајте ја со 3-4 лажици од мешавината на масло. Посипете со еден дел од сирењето.
Вториот дел исто така растегнете го, поставете врз првата кора, со раце истегнувајте ги краевите на оваа кора до краевите на првата кора. Напрскајте со 3-4 лажици мешавина на масло, поросете со вториот дел од сирењето. Продолжете така со третиот и четвртиот дел од тестото.
- Откако сте ги сите заедно кори истегнале и краевите веќе се тенки, замотајте во ролат. Потоа истегнувајки или мотајки го ролатот во спротивни правци, замотајте го во форма на полжав. Ставете во тавче бр. 28 послано со хартија, оставете го да повторно стаса.
Печете во претходно загреана рерна на 180 степени околу 50 мин.
НАПОМЕНА
- За да ја спремите масленицата и да е таа мека и на конци, мора само со раце да работете, без сукало. Потребно ви е поголема работна површина. Додека ги тегнам корите јас попрскувам со смесата од стопената мрснина бидејки така полесно се тегне. Ако ви останале сепак подебели краевите (а тоа не го сакате) слободно одстранете ги кинејки ги.
- Кога велам да се замотаниот ролат од корите истегнува во спротивни правци, не знам како да појаснам освен што ќе кажам дека е како кога истискуваме мокра крпа.
- Масленицата се служи топла и тогаш е највкусна.
- Тестото го замесувам во миксер, а го домесувам како што опишав погоре.
- Морам да кажам дека тестото е меко, но за работа е одлично.
Поради тоа што е потребно навистина поголема работна површина за да се спреми масленицата со оваа количина на брашно, секогаш го делам тестото на два дела за да можам полесно да ги истегнам корите и така спремам две масленици кои ги ставам во тавче бр.22. Неретко замесувам тесто само од половина од состојките.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани