Веќе знаете дека го сакам сувиот спанаќ и не ретко знам да го искористам во фил или во тесто. Ви го препорачувам зошто е мирисен и вкусен, а и секојпат ви е достапен.
Питава беше општоприфатена во кругот на моето семејство.

Подготовка на две пити од овие состојки
1. Замесуваме тесто со млака вода, од сите состојки за тесто. Од тестото правиме 6 топки и ги оставаме да одстојат 10 минути.
2. Секоја топка ја рассукуваме и ја премачкуваме со стопена маст. Виткаме ролат од секоја кора, па ролатот го виткаме во полжав. Оставаме да одморат 10 минути. За тоа време го правиме филот.
3. Ги мешаме урдата, јајцата и спанаќот. Потоа од полжавот расукуваме кора со големина на тавче бр. 26. Ставаме една кора, па ¼ фил, па втора расукана кора, пак ¼ фил и на крајот третата кора. Третата кора ја расукуваме да ни биде малку поголема од тавчето.
4. Ја ставаме врз тавчето и делот кој виси го откинуваме со ноже. Од него виткаме витка и ја ставаме околу питата.
5. Питата ја премачкуваме со разматено јајце и ја посипуваме со сусам.
6. Ја печеме во загреана рерна на 200 степени додека да поцрвени.

Од другите три полжавчиња правиме уште една идентична пита.

Забелешка
За потребите на семејството, а и од естетски причини правев две пити кои ги печев во тавче бр. 26. Вие доколку имате големо тавче, од количината на овие состојки можете да си направите една голема пита. Постапката е иста, само нема да правите 6 топчиња туку помалку, на пр. 4, за да може полжавчињата да ги расукате во големина на тавчето. Ова го пишувам доколку правите една голема пита.
Ако пак не ви одговара така и само сакате една пита како мојата, преполовете ги состојките и работата е завршена.
Е сега уште нешто. Едната пита ја премачкував со нестопена маст, сакав да видам каква ќе биде. Исто беше убава и вкусна, ама беше повлажна и не толку лисната. Препорачувам маста да е стопена, за премачкување на корите.
Ако ви е посува урдата или се одлучите питата да ја правите со сирење ставете 1-2 лажици кисела павлака во неа.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани