Вкусна и освежителна летна тортичка, со подлога од брауни колач и слоеви ганаш, крем со малини и крем со праски.

Подготовка
1. За подлогата стопете го чоколадото со путерот. На страна изматете ги јајцата и шеќерот па додадете го растопеното чоколадо. На крај додадете ја мешавината од брашно и какао и убаво промешајте.
2. Смесата ставете ја во калап со димензии 18 см и ставете да се пече на 175Ц околу 20-25 мин.
3. Оставете ја кората убаво да се олади и извадете ја од калапот.
4. За тоа време направете го ганашот, затоплете ја павлаката и додадете го чоколадото. Промешајте да се растопи и оставете да се олади.
5. Кората вратете ја во калапот(или во прстен за торта) и прелејте ја со ганашот. Ставете во фрижидер за убаво да се стегне.
6. Од прашакот за пудингот, шеќерот и млекото сварете пудинг. Додадете ја белата чоколада, измешајте да се соединат и оставете да се олади.
7. Во оладениот пудинг додадете го крем сирењето и изматете со миксер да се соединат.
8. Желатинот подгответе го според упатството од кесичката и него додадете го во смесата.
9. Поделете на два дела, во едниот додадете ги малините промешани и испасирани со ванилата, а во другиот сецканите праски.
10. Врз убаво стегнатиот ганаш, внимателно ставете ја смесата со малини, па потоа со праски.
11. Ставете го калапот во фрижидер убаво да се стегне, а најубаво преку ноќ. Пред да го послужувате можете да го ставите 1-2 часа во фризер за да ви се сечат поубави парчиња.
12. Врз убаво оладената торта, пред послужување наредете ги тенко сечените парчиња праски. По желба може најгоре да ставите прелив за торта, јас имав претходно растопен желатин, па со четка само ги премачкав праските.
13. На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани