Вистински избор за летни семејни прослави и родендени. Вкусна, проверена и многу кремаста торта. Се извинувам што немам слика од пресек, тортата не ми беше за дома, се надевам пресекот ќе може да се „фати“ од дополнителните слики од редењето на тортата.
1. Јајцата треба да се ладни, за да добиете добар снег од белките.
2. Белките и шеќерите се матат со средна брзина на миксерот, додека да се добие воздушеста снежна смеса.
3. Во неа се додаваат брашното, пецивото, кокосот и мелените јатки (ореви, бадеми, лешници, некои други или мешани).
4. Убаво се меша се со лажица, па се пече во калап бр. 26 обложен со пек хартија, во загреана рерна на 180 степени, околу 10 минути (надгледувајте, кога е печено, тестото ќе биде поруменето и одделено од краевите на калапот).
5. Се прават три исти теста, што значи дека состојките за тесто се потребни по три пати.
6. Следно се приготвува кремот од вишни.
7. Вишните, 100 мл. вода и шеќерот ги мешаме во сад за сос и ги ставаме на тивок оган да зовријат.
8. 50 мл. вода се меша со двете лажици густин и се додава мешајќи непрекинато во вишните кои вријат. Кога ќе згусне, кремот се трга на страна и со повремено промешување се остава да се излади.
9. Ванила кремот се приготвува на стандарден начин.
10. 800 мл. од млекото се меша со 15 лажици шеќер и една ванила и се става во подлабок сад на оган да зоврие.
11. На страна со миксер се мешаат жолчките, пудинзите, втората ванила, 5 лажици шеќер, густинот и 100 мл. млеко. Оваа смеса се додава мешајќи во млекото кое врие.
12. Кога ќе згусне, сварениот крем се трга на страна, му се додава белото чоколадо, убаво се промешува да се истопи низ кремот, па истиот се покрива со најлон и крпа и се остава добро да се излади со повремено промешување.
13. Путерот се мати во длабок сад. Постепено се додава изладениот ванила крем. Се мати добро да се изедначи смесата.
14. Следува филувањето на тортата.
15. Сите три кори се попрскуваат со сируп од вишни.
16. Се реди – кора, 1 – 2 лажици крем од вишни, неколку лажици ванила крем, и така додека да се потроши материјалот.
17. Крем од ванила има во изобилство, па затоа и не треба да се штеди при филувањето и слободно може да се премачка целата торта на крајот.
18. Украсете по желба, оставете да се стегне една ноќ во фрижидер, па послужете и уживајте!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови