Ароматично, крцкаво, меко и сочно мевце кое ги разгалува сите ваши сетила. Неговата полна арома е совршено надополнета со зачини кои го подигнуваат вкусот и го прават ова, релативно евтино парче месо, достојно за кралска трпеза.

Царското месо измијте го и добро и исушете го со хартиени салвети. Со многу остар нож засечете ја кожата и направете мрежа (погледнете ги дополнителните фотографии), но внимавајте да не го засечете месото до крај. Доколку имате тапи ножеви како јас, ќе се намачите. Затоа го замолив месарот, тој да ми ја засече кожата на месото.

Во еден сад, измешајте ги зачините и така на суво, втријте ги во месото, а посебно во засеците. Месото ставете го во сад со капак или замотајте го во пластична фолија и оставете го во фрижидер најмалку 2 часа. Најдобро е да се остави да преноќи, ама јас ручекот го подготвував истиот ден кога го купив месото, па немав толку време за одлежување на истото.

Во садот во кој што ќе го печете месото, ставете една лажица свинска маст и садот ставете го во претходно загреана рерна, додека маста добро не се загрее. Извадете го садот од рерна и врз врелата маст положете го месото, со кожата нагоре. Сега кожата премачкајте ја со една лажица маст.

Печете го еден час на 250 Ц, а потоа намалете ја температурата и печете уште час и половина на температура од 180 Ц. Доколку рерната ви пече послабо, 10 минути пред крај, зголемете ја температурата на 250 Ц додека кожичката од месето не стане румена и крцкава. Кога ќе ја удрите со нож или со вилушка кожичката, треба да се слушне тап, шуплив звук. Тоа е знак дека кожата на месото е совршено испечена.

Оставете го печеното месо 15 минути да одмори, а потоа со остар нож сечете парчиња, со дебелина по желба.

Може да се служи и ладно, како нарезак, но јас највеќе го сакам кога е топло.

Во маста која што ја пушти месото, испечете го прилогот по желба (компир, карфиол или друг зеленчук по избор).

Совет
Додека се пече месото, избегнувајте да го боцкате со нож или со вилушка, бидејќи така ќе истечат месните сокови и месото ќе се исуши. А, нам ни треба сочно месо. На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови