Крем карамел е еден од десертите на моето детство. По рецептот на мајка ми поинаку се правеше. Вака јас го правам.

Направете карамел “на суво“ од 100 гр шеќер и распоредете го на дното на 6 рамекини или во еден голем калап.
Загрејте ја рерната на 175 Ц.
Во чашата од блендерот ставете ги 100 гр шеќер, ванилиниот шеќер, млекото, јајцата, жолчките, кондензираното млеко и густинот и блендирајте околу 1 минута на голема брзина додека сосем не се изедначи. Не претерувајте со блендирање, не треба да се створи пена. Додајте ја слатката павлака и со пулсна брзина изблендирајте неколку пати, само да се соедини.
На дното на соодветен сад за печење ставете кујнска крпа во два слоја и наредете ги рамекините.
Смесата од јајца распоредете ја во нив. Ќе ги наполни скоро до крај.
Зовријте вода и сипете ја во тавата покрај рамекините, да достигне најмалку до 1/2 од нивната висина.
Ставете да се печат во загреаната рерна 45 мин, а ако е еден поголем калап 1 час.
Оставете да се оладат на собна температура, па преместете ги во фрижидер да се ладат неколку часа.
Пред послужување, поминете со остар нож по работ на калапчето и превртете го на чинијата за послужување.
Може да стои до една недела во фрижидер. Секогаш послужете ладно, како многу вкусен летен десерт.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани