Еве го мојот трет рецепт за Иванденско кравајче на оваа страница, кое задолжително кај нас го имаме за овој празник. Овој пат кравајчињата ги направив во форма на ѓевречиња, на кои ќерка ми Ивана многу им се израдува.

1. Во садот во кој ќе се меси се става првин околу 150 гр. од брашното, шеќерот, ванилиниот шеќер, пецивото, прстофат сол и се меша да се изедначат сувите состојки.
2. Потоа се става квасецот (издробен), се додава млаката вода, маслото и лимоновиот сок кој ако некој не го сака, може да го изостави или да стави сок од портокал.
3. Се замесува сето, постепено се додава брашно додека да се добие средно меко тесто. Зависно од впивливоста, може да притреба малку повеќе брашно од наведената вкупна количина.
4. Бидејќи во тестото има шеќер, тестото ќе треба да се измеси 10-15 минути на подлога намрсена со масло. Измесеното тесто се остава да скисне на топло 20 минути.
5. Потоа, тестото се рассукува во кора дебела 2 см, со округла модла (9 см) се сечат кругови, а со помало ракиено чаше се вади средината да се добие ѓеврече.
6. Ѓевречињата се ставаат во тавче обложено со хартија за печење и одозгора се редат шарените бонбони. Јас печев во малата ростер тава која не лепи, но бидејќи во печењето бонбоните ќе се разлеат, за печење во друга тава препорачувам да се користи хартија за печење.
7. Кравајчињата-ѓевречиња се оставаат повторно да нараснат убаво и потоа се печат на 180 степени додека да поруменат, односно секој според својата рерна.
Веднаш по вадењето од рерна, со силиконско четче, кравајчињата се премачкуваат со претходно сварениот шербет.

За многу години да е ИВАНДЕН, честит да им е именденденот на сите што го носат името на светителот Јован Крстител, чие раѓање се прославува на овој ден.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани