Еве еден убав предлог за десерт за љубителите на афионот и за оние кои го избегнуваат глутенот во исхраната. Лесно и интересно колаче со сезонско овошје одозгора.

Најпрво се одвојуваат белките од жолчките.
Белките се матат во цврст снег заедно со шеќерот во прав.

Во посебен сад се мати путерот со шеќерот додека се растопи и стани пенест.
Потоа се продолжува со матењето и се додаваат една по една жолчките, па потоа ликерот од портокал и на крај афионот и мелените ореви.

Финално внимателно се меша и изматениот снег од белки.

Смесата се излива во намастена нелеплива тава (јас користев 20х30, но можи и за бројка поголема ако има потреба) .
Одозгора се редат половинки кајсии со лушпата на кај тестото и по желба одозгора во средината се посипуваат со ванилин или лимон шеќер.

Се печи во загреана рерна од 150-160 С околу 40на минути.
Печениот колач, откако ќе излади се сечи на коцки.

* Ако немате мелен, слободно ставете си и афион во зрна. Разликата е што минимално (не многу) ќе го чувствувате во јадењето.

** Како не секој има или користи ликер од портокал, во замена можи да се употреби екстракт од портокал (1 мала рамна лажичка) или некој друг вкус кој го преферирате. Јас решив наместо арома од портокал да ставам „крушковац“ и одлично се вклопи во целата композиција.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани