Козињак со прекрасна арома, вкусен, мек, ја ароматизира целата куќа со топол и убав мирис. Испробав еден куп рецепти за да дојдам до овој мој едноставен состав на тесто кое стасува многу брзо под услов да имате многу топла просторија. Сакам да кажам (особено за младите почетници во готвење како мене) дека дојдов до сознание кога станува збор за месење на тесто за козињак всушност кристал шеќерот е тој кој на некој начин ја кочи целата процедура на експресното стасување на тестото. Затоа ставив само мала количина на кристал шеќер и тоа го стопив во млекото додека истото се загреваше. Останатата потребна количина на шеќер (според мене) ја заменив со шеќер во прав и вкусот на лепчето беше доволно сладок и убав.
Што се однесува до топлата просторија, има разни начини да се загрее:
некои козињакот го виткаат во крпи па го ставаат во рерна на електричен шпорет на нааајниска јачина, некои пред греалка, а некои во автомобил (ова е потврдена варијанта, особено во лето кога температурите се високи).
Што се однесува до кандираната кора од портокал јас си ја подготвив дома, според рецептот на Лилјана Илиева – Аранчини (огромна благодарност до неа, поради овој прекрасен, корисен рецепт). Во маркет не побарав воопшто, но ако не можете да се снајдете и обичната рендана кора од портокал (или лимон) ќе заврши работа.
А сега, да ја прикажам и подготовката.
1. Квасецот искршете го на ситно, ставете го во садот во кој што ќе месите, додадете една лажица од кристал шеќерот, една лажица брашно и 200 мл. млака вода.
2. Промешајте и оставете да се активира.
3. Јајцата со помош на виљушка изматете ги со ванилата.
4. Останатиот шеќер измешајте го со млекото и ставете го на тивок оган да се загрее додека да се стопи шеќерот. Внимавајте да не се вжешти премногу млекото.
5. Кога ќе видите дека кавсецот набабрел и се активирал додадете му ги јајцата и мешајте со жица за матење или лажица додека смесата не запени.
6. Додадете го и топлото млеко и пак промешајте.
7. Додадете ги брашното, шеќерот во прав и солта и замесете тесто со средна мекост. Додека замесувате, внимавајте на количината на водата. Во зависност од брашното, можеби ќе ви треба повеќе или помалку млака вода.
8. Тестото покријте го со крпа и оставете да стасува, да се дуплира на топло 40 минути до 1 час.
9. Сувото грозје измешајте го со ванилата и водата и оставете го 15 минути да отстои така. Ако имате ванила екстракт потопете го грозјето во него.
10. Кандираните кори од портокал ситно исецкајте ги.
11. Премесете го тестото, засечете го на неколку места, покријте го со крпа и оставете го уште 30 до 40 минути пак да се дуплира.
12. Потоа поделете го тестото на 4 дела.
13. На набрашнета работна маса секој дел расучете го по малку.
14. Во двата дела ставете по половина од исцеденото суво грозје, а во другите два дела ставете по половина од кандираната кора.
15. Заролајте ги корите во ролат и сплетете 2 плетенки.
16. Ако сакате во плетенката ставете еден дел со суво грозје еден со кора од портокал или два исти дела.
17. Плетенките ставете ги во калапи за векни обложени со хартија за печење или намрсени, и оставете ги на топло уште 30 минути да стасаат. По желба наросете ги со афион или сусам.
18. Рерната загрејте ја на 180 степени а кога ќе го ставите козињакот намалете ја на 150 степени. Кај мене е така, а секој си знае според својата рерна. Козињакот се пече околу 40 минути, пак ќе речам – во зависност од рерната. Треба да се надгледува и да се проверува со чепкалка или со виљушка дали е печен. На 10 минути пред крајот на печењето секоја плетенка премачкајте ја со по 1 лажица маргарин.
19. Кога ќе се уверите дека плетенките се печени, извадете ги и покријте ги со крпа и најлонска кеса за да омекнат.
20. Нека се изладат малку пред послужување.
Добар апетит!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови